Колумна која крена прашина „Арсенал не само што го убива фудбалот, туку ни го троши и животот!“

 

Објавено:

Финалето во Лигата на шампионите за 2026 година помеѓу Арсенал и Пари Сен Жермен сè уште предизвикува лавина од реакции во фудбалската јавност. Иако „Топчиите“ одиграа дефанзивно перфектен натпревар кој го загубија дури по изведувањето на пенали, нивниот контроверзен стил на игра и константното трошење на времето наиде на сериозни критики од неутралните љубители на фудбалот.

Во својата најнова колумна за The Irish Times, познатиот спортски новинар Кен Ерли упати остри критики кон тактичкиот пристап на менаџерот Микел Артета, нарекувајќи го Арсенал екипа која ги фрустрира не само противниците, туку и гледачите ширум светот.

„Крадење“ на времето како легитимна, но иритирачка тактика

Ерли во својата анализа детално опишува една ситуација од крајот на првото полувреме. При изведување на обичен аут, играчите на Арсенал, Каи Хаверц, Кристијан Москера и Деклан Рајс потрошија неверојатни 39 секунди додавајќи си ја топката и симулирајќи збунетост пред судијата Даниел Зиберт. Слична беше ситуацијата и со корнерите, каде Букајо Сака буквално „ја проучуваше топката како астронаут кој испитува камен од Месечината“, што резултираше со тоа судијата да отсвири крај на полувремето пред воопшто да се изведе корнерот.

„Ако Арсенал е непопуларен меѓу неутралните навивачи, тоа е затоа што им го трошат времето на сите. Не само времето на нивните противници, туку и нашето време. Фудбалските фанови насекаде ги трпат последиците од Арсенал. Тие се како компанија која исфрла загадување во околината за време на својот производствен процес, профитот го задржуваат за себе, а трошоците ги префрлаат на општеството“, пишува Ерли.

Новинарот оди дотаму што прави и бизарна, но интересна математика, 40 секунди потрошени за еден аут, помножени со 150 милиони гледачи на финалето, значат 190 години неповратно загубен човечки живот.

Казната стигна кога најмалку се надеваа

Иако играчите на ПСЖ беа свесни за оваа тактика – Витиња по мечот изјави дека Луис Енрике ги предупредил да не ја губат трпеливоста бидејќи Арсенал сака да ги исфрли од ритам, сепак, „мрачните вештини“ на Артета на крајот им се одбија од глава.

Во 61. минута, голманот Давид Раја се обиде да украде уште неколку секунди носејќи втора топка во шеснаесетникот. Но, играчите на ПСЖ не наседнаа, брзо го изведоа корнерот преку Дембеле, што резултираше со паника во одбраната на Арсенал и фаул од Москера врз Кварацхелија за пенал, само 38 секунди по досудувањето на корнерот.

Дебатата на социјалните мрежи е поделена. Додека неутралните фанови го осудуваат овој „анти-фудбал“, навивачите на Арсенал потсетуваат дека оваа прагматичност им ја донесе титулата во Премиер лигата по повеќе од две децении чекање. Сепак, останува прашањето, дали целта ги оправдува средствата кога станува збор за убавината на фудбалската игра?

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено