Овогодинешното издание на Ролан Гарос 2026 дефинитивно ќе има италијански финалист во машка конкуренција, откако Флавио Коболи приреди голем пресврт и сензација во денешното четвртфинале. Во дуел кој започна во исклучително тешки и ветровити услови, а заврши под затворениот покрив на култниот терен „Филип Шатрие“, 10-тиот носител покажа неверојатен карактер и го елиминираше четвртиот фаворит Феликс Оже-Алијасим.
👉😁👈#RolandGarros pic.twitter.com/bbf5b9NVA2
— Roland-Garros (@rolandgarros) June 3, 2026
Епски пресврт вреден деби во топ-10 друштвото
Канадскиот тенисер Оже-Алијасим подобро го отвори мечот и успеа да го освои првиот сет, но тоа не го поколеба упорниот Италијанец. Коболи во продолжението од мечот ги консолидираше своите редови и со фуриозна игра успеа да ги добие следните три сета, славејќи со конечни 4-6, 6-4, 6-4, 6-4 за пласман во своето дебитантско грен слем полуфинале во кариерата.
За 24-годишниот Коболи ова е трета победа во исто толку меѓусебни пресметки со Оже-Алијасим, триумф кој покрај историскиот резултат во Париз, му го донесе и официјалниот влез во топ-10 тенисерите на АТП листата.
„Мислам дека денеска одигравме два сосем различни меча. Првиот сет беше неверојатно ветровит и беше навистина тешко да се игра, па затоа заминав во тоалет малку да размислам и да променам нешто во тактиката. Мислам дека ова е најдобриот резултат што некогаш сум го остварил во мојот живот бидејќи успеав да го прикажам мојот најдобар тенис. Само си реков себеси да се борам, бидејќи чувствував дека ова е шансата на мојот живот. Морам да дадам сè од себе на мечевите, денеска го направив тоа и навистина сум среќен“, изјави емотивниот Коболи веднаш по големата победа.
Италија веќе слави сигурен финалист во Париз
Со овој триумф на Коболи, Италија веќе има загарантирано место во големата битка за мундијалскиот трофеј на Ролан Гарос. Во претстојното полуфинале, Флавио Коболи ќе се соочи против уште еден свој сонародник, со оглед на тоа што негов противник ќе биде подобриот од италијанското дерби меѓу Матео Беретини и Матео Арналди.



