Најголемата, најтешката и најдолго чеканата спортска агонија во модерниот тенис конечно заврши попладнево на култниот терен „Филип Шатрие“. Германецот Александар Зверев успеа да ги скрши синџирите на минатото, ги победи сопствените демони од претходните три неуспешни обиди и по епска битка во пет сета ја сопре италијанската сензација Флавио Коболи за да го подигне својот прв, историски грен слем трофеј во кариерата.
Во дуел кој траеше нешто повеќе од четири часа, третиот светски рекет успеа да го издржи налетот на жилавиот 10-ти носител, славејќи со вкупни 6-1, 4-6, 6-4, 6-7(5), 6-1. Со овој триумф, 29-годишниот гигант конечно ја збриша етикетата на „најдобриот тенисер кој никогаш не освоил мејџор титула“ и испиша историја како првиот Германец во машка конкуренција кој стигнал до грен слем круна по пауза од цели три децении, поточно од времето кога Борис Бекер триумфираше во Мелбурн.
Историски рекорд: Никој не чекал толку долго за првиот трофеј
Колку овој успех е емотивен и тежок за Зверев најдобро покажува фактот што тој ја запечати својата прва грен слем титула во својата 125. победа на големите турнири – што е апсолутен историски рекорд, бидејќи ниту еден тенисер во Опен ерата нема доживеано толку многу победи пред својот голем пресврт и дебитантски трофеј.
Пред почетокот на овогодинешното издание на Ролан Гарос, Зверев ја имаше статистиката на своја страна со три победи во претходните четири меѓусебни дуели со Коболи, но тежината на финалето го промени секој параметар. Откако неговите најголеми кошмари од претходните две години – Карлос Алкараз, Јаник Синер, како и 24-кратниот шампион Новак Ѓоковиќ, комплетно испаднаа од игра уште пред почетокот на втората недела, Зверев за првпат во кариерата ја презеде улогата на апсолутен фаворит на еден грен слем уште во раната фаза. Притисокот беше нереален, бидејќи денешниот ден беше дефиниран како најважниот и пресуден ден во неговиот професионален живот.
It’s yours, Sascha 🏆#RolandGarros pic.twitter.com/036ZjLMXpn
— Roland-Garros (@rolandgarros) June 7, 2026
Челичен карактер во петтиот сет по шокантниот пад во тај-брејкот
Натпреварот започна со брутална доминација на Зверев кој го збриша Италијанецот во првиот сет со 6-1, но Коболи брзо се врати во игра покажувајќи го својот карактеристичен бунтовен дух, израмнувајќи на 1-1 по вториот сет (6-4). Германецот уште еднаш ги презеде нештата во свои раце и со сигурна игра на свој сервис го доби третиот сет со 6-4, а кога во тај-брејкот од четвртиот сет поведе со стабилни 3-1, се очекуваше рутинска завршница.
Сепак, тогаш на сцената стапија неговите стари демони. Германецот направи неколку последователни панични грешки, што Коболи го искористи за нереален камбек во тај-брејкот, добивајќи го со 7-5 за тотална еуфорија и израмнување на 2-2 во сетови. Наместо комплетно психички да колабира, како што тоа му се случуваше во Њујорк против Тим или минатите години во Париз и Мелбурн, Зверев покажа невиден, шампионски карактер во одлучувачкиот петти сет. Тој го исфрли комплетниот бес на теренот, влезе во препознатливиот „машински режим“, не му дозволи на Италијанецот да земе здив и со брутални 6-1 во петтиот сет ја заврши најважната приказна во својот живот, паѓајќи на колена на париската глина со солзи во очите.



