Еден од најдобрите фудбалери и без сомнение еден од најиндивидуалните блесоци во македонскиот фудбал изминатата сезона, официјално се сели во Скопје. Португалецот Мигел Пирес (29) е новото огромно засилување за македонскиот шампион ФК Вардар, приклучувајќи се на тимот уште пред самиот почеток на летните подготовки за големите предизвици кои го очекуваат гигантот во фудбалска Европа.
Според официјалната објава на ФК Вардар, одличниот играч за врска стави потпис на договор кој ќе го задржи во црвено-црното семејство до 15.06.2027 година.
Маестрална сезона зад себе: Моторот кој му недостигаше на Вардар?
Мигел Ангело Фереира Пирес доаѓа во Вардар по една феноменална сезона помината во дресот на кратовски Силекс. Бројките говорат сами за себе, на 30 одиграни натпревари во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ), тој постигна импресивни 11 голови и запиша 7 асистенции, што е извонреден учинок за играч кој примарно оперира во централниот дел од средниот ред. Со вкупно 31% директно учество во головите на својот поранешен тим и освоен Куп на Македонија, Пирес докажа дека е играч кој прави сериозна разлика на теренот.
Симптоматично пријателство: Ривали на хартија, сојузници во пракса?
Сепак, за секој долгогодишен фан и искрен љубител на фудбалот во Македонија, овој трансфер носи и една поинаква димензија која е, благо кажано чудна и симптоматична.
Овој потег е само уште една потврда за тоа колку се на „една линија“ некогашните најголеми ривали. Вардар и Силекс, клубови кои во минатото водеа жестоки битки за титули и превласт во македонскиот фудбал, денес изгледаат како едни од најблиските клубови базирани на заеднички интереси. Леснотијата со која најдобриот играч на кратовци се сели во редовите на актуелниот шампион покажува дека динамиката во домашниот фудбал е драстично променета.
Новата ера на Кристијан Фабиани
Како и да е, гледано строго од спортски аспект, ова е капитално засилување за Вардар. Клубот влегува во една уште посериозна ера, овој пат предводен од новиот темпераментен тренер од Аргентина, Кристијан Фабиани. Со потписот на Пирес, јасно е дека Фабиани добива технички поткован играч со европско искуство, кој треба да биде главниот креатор во обидот на „Црвено-црните“ да направат сериозен исчекор во европските квалификации ова лето.



