Њујорк со најголемиот пресврт во историјата на НБА финалињата до 3-1 против Спарс!

 

Објавено:

Екипата на Њујорк Никс го приреди најголемиот и најневеројатен пресврт во историјата на НБА финалињата. Во четвртиот натпревар од големата серија, кошаркарите на Њујорк успеаја да надополнат огромна негатива од дури 29 поени и во преполниот „Медисон Сквер Гарден“ да слават против Сан Антонио Спарс со минимални 107-106. Со овој епски триумф, Никс поведоа со 3-1 во финалната серија и се наоѓаат на само еден чекор до освојување на првиот шампионски прстен по цели 53 години чекање.

Почетниот дел од натпреварот воопшто не навестуваше вакво сценарио. Младите кошаркари на Сан Антонио Спарс одиграа перфектно прво полувреме и поставија нов рекорд во финалињата со дури 14 погодени тројки за две четвртини. Гостите имаа неверојатни 59.6% реализација од игра и ја замолкнаа публиката во Њујорк со предност од 27 поени на паузата, која на почетокот на третиот период достигна максимални плус 29 (90-61). Во тие моменти изгледаше дека серијата дефинитивно ќе патува во Тексас во целосен егал.

Сепак, во второто полувреме искусниот тим на Њујорк реши да ги покаже своите дефанзивни карактеристики. Притисокот на домаќините целосно го затвори обрачот, а нападот на Спарс почна панично да греши. Тексашаните, кои во првиот дел имаа само две загубени топки, направија по пет грешки во третата и четвртата четвртина. Шутот на Сан Антонио комплетно се распадна, па тие погодија само 8 од 39 обиди од игра во комплетното второ полувреме, а во одлучувачкиот последен квартал реализираа катастрофални 4 од 19. Предноста почна брзо да се топи, а Џејлен Брансон, кој го заврши мечот со 36 поени, со брутална серија кошеви донесе егал завршница.

Спектаклот на ОЏи Ануноби во последните секунди

Херој на ноќта дефинитивно е ОЏи Ануноби, кој покрај тоа што уфрли 33 поени со 7 погодени тројки, ги изведе и двата клучни потези за победа во последните 11 секунди. Прво, при брза транзиција на гостите, Ануноби со спектакуларна блокада го спречи Деарон Фокс да постигне сигурни поени за Спарс. Веднаш потоа, на 1.2 секунди пред крајот, по промашениот флотер на Брансон, Ануноби скокна над одбраната и со врвовите на прстите ја поправи топката во кошот за конечни 107-106 и делириум на трибините.

Проблеми со фаули за Вембањама

Кај поразените Спарс, Виктор Вембањама забележа 23 поени и 13 скокови, но шутираше лошо од игра (9/25) и промаши три клучни слободни фрлања во последната четвртина. Францускиот центар заработи и намерна лична грешка по неконтролиран удар со лакт над Карл-Ентони Таунс. Ова е негов трет ваков казнен бод во овој плејоф, што значи дека Вембањама се наоѓа во сериозна опасност од автоматска суспензија за еден натпревар доколку направи уште еден груб фаул до крајот на финалето.

Петтиот натпревар кој може да го реши новиот НБА шампион се игра во сабота навечер во Сан Антонио, каде Спарс ќе играат со притисок на елиминација на домашен терен.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено