Кога октоподот Пол во 2010 година безгрешно ги погоди сите резултати на Германија на тогашното Светско првенство, планетата го славеше како вистински спортски пророк. Сепак, германскиот економист Јоаким Клемент успеа да го надмине култниот октопод со помош на комплексен статистички модел кој од 2014 година до денес има перфектен стопроцентен ефект во погодувањето на мундијалските шампиони. По прецизното типување на Германија во 2014, Франција во 2018 и Аргентина во 2022 година, неговиот систем за овогодинашниот турнир во Северна Америка ја издвои Холандија како нов, неочекуван владетел на фудбалскиот свет.
Проекција за елиминациите: Реприза од 2006 година за Англија
Она што го прави моделот на Клемент фасцинантен е фактот што тој не го предвидува само победникот, туку ја мапира комплетната завршница на турнирот со 48 репрезентации. Според неговите математички пресметки, навивачите на Островот повторно ќе доживеат тешко разочарување. Системот предвидува дека Англија ќе стигне до полуфиналето, каде што ќе биде елиминирана од Португалија – точно две децении по онаа култна пресметка од 2006 година (иако моделот не прецизира дали тоа повторно ќе се случи по изведување на пенали).
The Oranje army of Netherlands has arrived. 🇳🇱🧡
— WorldCup Football Stories (@WorldCup_Storys) June 10, 2026
Kansas is already feeling the World Cup vibes.
Blessed World Cup.🏆 #FIFAWorldCup
pic.twitter.com/cfg2Og0Aqj
Исто така, статистиката најавува дека Шкотска ќе доживее елиминација во втората рунда од Јужна Кореја, додека најголемиот шок ќе го приреди Јапонија, која во истата фаза комплетно ќе го елиминира моќниот Бразил.
Зад овој модел стои сосем поинаква филозофија од онаа за брза заработка на обложувалниците. Клемент, кој веќе десет години живее во Велика Британија и работи како главен стратег во инвестициската банка „Панмур Либерум“, признава дека целиот проект го започнал од чист ироничен револт. „Ова започна како најобична вежба со која сакав да го покажам хубрисот на економистите кои мислат дека можат со бројки да предвидат работи за кои всушност немаат никаква претстава. Но, еве, кога имаш среќа неколку пати по ред, луѓето автоматски почнуваат да те доживуваат како некаков безгрешен гуру“, објаснува Клемент, кој за себе вели дека по природа е чист песимист.
Факторот среќа и повредата на Чави Симонс
Неговиот систем во предвид зема системски економски фактори како што се големината на популацијата на една земја, бруто-домашниот производ (БДП) по глава на жител, актуелниот ранкинг на ФИФА и климатските услови. Сепак, тој упорно апелира неговите анализи да се земаат со доза на резерва бидејќи овие параметри покриваат само половина од приказната. „Преостанатите 50% се чиста среќа. Кога на теренот ќе се соочат две врвни репрезентации со сличен квалитет, сè зависи од моменталната форма во денот, судиската одлука или дали топката ќе се одбие од стативата во голот или надвор од него. Тоа е комплетно непредвидливо“, додава германскиот економист.
Притисокот во неговата канцеларија во Лондон веќе сериозно расте пред самиот старт на натпреварите. Колегите постојано го прашуваат дали тешката повреда на лигаментите (ACL) на холандската ѕвезда Чави Симонс ќе ја промени компјутерската пресметка. Притисокот е уште поголем бидејќи дел од неговите соработници веќе уплатиле реални пари во обложувалниците на победа на Холандија. Поради тоа, Клемент на шега заклучува: „Доколку Холандија испадне предвреме, мислам дека следниот ден дефинитивно ќе морам да работам од дома“.



