Дали некогаш сте слушнале за фудбалер кој постигнал четири гола на еден мундијалски натпревар против моќниот Бразил? Или за играчот кој го држи апсолутниот рекорд за најдобар сооднос на постигнати голови по натпревар во историјата на Светските првенства? Станува збор за човек кој на еден официјален меч уфрлил дури 10 погодоци, кој сè уште го држи рекордот за најмногу голови во една сезона во германскиот Куп и за кого се верува дека во својата кариера постигнал над 1.000 голови. Неговото име е Ернст Вилимовски.
И покрај овие застрашувачки бројки, неговото име денес е речиси избришано од колективната меморија, а неговата судбина е една од најкомплексните и најтрагичните приказни за поделена лојалност, воени уцени и национално предавство.

Идентитетот на Шлезија и фудбалското чудо од Катовице
Вилимовски е роден во 1916 година во Катовице, регионот Горна Шлезија – територија каде што националниот идентитет отсекогаш бил екстремно комплициран. Неговата мајка била Германка, тој израснал зборувајќи германски јазик, а во првите години од неговиот живот регионот бил под германска власт, пред по Првата светска војна да ѝ припадне на Полска. Неговиот биолошки татко загинал борејќи се во германската армија, додека неговиот очув, кој подоцна го посвоил и му го дал презимето Вилимовски, бил вклучен во полските востанија. Самиот Ернст се сметал пред сè за Шлезиец.
Она што било кристално јасно и неспорно била неговата нереална фудбалска дарба. Како лево крило со разорна десна нога, со филмска брзина и неверојатна контрола над топката, тој дебитирал во полската лига за Рух Чорзов на 17-годишна возраст, а веќе по еден месец бил повикан во репрезентацијата на Полска. Пред да наполни 20 години, веќе имал две златни копачки во домашното првенство, а за Рух постигнал вкупно 113 голови на само 86 натпревари, носејќи му на клубот четири шампионски титули. Во мај 1939 година, на мечот против Унион Лоѓ, Вилимовски постигнал неверојатни 10 голови во победата од 12-1.
Митскиот меч со Бразил и „Последната игра“
Полска во периодот меѓу 1930 и 1970 година одиграла само еден единствен натпревар на Светските првенства. Тоа бил култниот осминафинален дуел во 1938 година во Франција против моќниот Бразил. Во еден од најлудите мечеви во мундијалската историја, Полјаците загубиле со 6-5 по продолженија, но 21-годишниот Вилимовски буквално си поигрувал со кариоките, постигнувајќи четири гола (рекорд кој никој не го соборил во следните 56 години, сè до Олег Саленко во 1994). Покрај тоа, тој изнудил и пенал кој го реализирал неговиот соиграч. До ден-денес, Вилимовски го држи најдобриот голгетерски просек на Мундијалите (4 гола на 1 меч).

Полска тогаш се издигнувала во светска велесила, а потврда за тоа пристигнала во август 1939 година во Варшава, кога со хет-трик на Вилимовски била совладана тогашниот светски вицешампион Унгарија со 4-2. Навивачите на раце го изнеле од теренот, а тој стигнал до бројката од 21 гол на 22 меча за Полска. Во историските книги на оваа земја, тој натпревар е запишан со големи букви како „Последната игра“. Само неколку недели подоцна, нацистичка Германија извршила инвазија врз Полска и започнала Втората светска војна.
Одлука за преживување: Дресот со кукаст крст
Со окупацијата на Шлезија, пред фудбалерите бил поставен невозможен избор: да го прифатат германското државјанство или да завршат во логори. За да преживее, Ернст потпишал да биде заведен како „Фолксдојче“ (лице со германско културно потекло), го променил името во Ернст Виллимовски (со две „л“) и се преселил во Саксонија. Набрзо потпишал за Минхен 1860, каде во 1942 година постигнал 14 голови во германскиот Куп – рекорд кој е активен и денес.
Притисокот на нацистичкиот режим бил огромен. Со цел да се користи како пропаганда за Третиот Рајх, тој морал да го прифати повикот да игра за репрезентацијата на Германија. Постојат силни историски индиции дека Вилимовски морал да игра под амблемот со кукаст крст за да издејствува ослободување на неговата мајка, која била затворена во озлогласениот логор Аушвиц. За Германија одиграл 8 натпревари и постигнал 13 голови, а легендарниот Фриц Валтер за него изјавил: „Тој е единствениот играч во светот кој постигнуваше повеќе голови отколку што имаше шанси“. На еден меч против Романија настапил за Германија среде неговата родна Шлезија пред 50.000 луѓе.
Избришан од историјата и анатемисан како предавник
По завршувањето на војната, Полска брутално му се одмаздила на својот поранешен херој. Полските комунистички власти го прогласиле за предавник, а неговите комплетни голгетерски статистики и успеси биле намерно избришани од официјалните книги. Локалните медиуми со децении го етикетирале како ментално нестабилна личност и алкохоличар, а влез во сопствената татковина му бил доживотно забранет.
Вилимовски го поминал остатокот од својот живот во Западна Германија, играјќи за понисколигашки клубови во целосна анонимност. Починал во 1997 година во Карлсруе на 81-годишна возраст. Денес, неговото име на надгробната плоча (Ернст Вилимовски) сè уште е предмет на дебати, бидејќи го содржи неговото германско име и полското презиме. Дури и во модерната ера, Полска има поделен став за својот најдобар стрелец во историјата – во анкетата од 2023 година, 57% од полските фанови сметаат дека неговите спортски успеси треба повторно да се слават, додека 43% се категорично против, докажувајќи дека раните од минатото сè уште тешко зараснуваат.



