Германскиот фудбал се наоѓа во период на длабока реконструкција откако Јулијан Нагелсман и официјално поднесе оставка од селекторската функција. По елиминацијата на „Панцирите“ во осминафиналето на Светското првенство од селекцијата на Парагвај, германската фудбалска асоцијација (DFB) ја прифати одлуката на 38-годишниот стратег, а веднаш потоа излезе со шокантно соопштение: започнуваат преговори со Јирген Клоп.
Колку беше голема болката на Германците, може да се види по тоа што на социјалните мрежи немаат објавено ништо по поразот на Мундијалот:
Нагелсман: „Тимот заслужува нов почеток“
Иако по поразот од Парагвај, Нагелсман изјави дека не е човек кој „бега од одговорност“, по неколкудневни консултации со челниците на федерацијата, тој сепак реши да се повлече.
„Одлуката воопшто не беше лесна, но приоритет ми е успехот на тимот. По вакво горко разочарување, тимот заслужува свеж почеток“, изјави Нагелсман во својата проштална порака. Спортскиот директор на DFB, Руди Фелер, ја пофали неговата зрелост, нагласувајќи дека Нагелсман го ставил националниот тим пред сопствената амбиција.
Нагелсман, кој ја презеде Германија во септември 2023 година, не успеа да го надмине „проклетството“ на големите турнири. Германија, четирикратен светски шампион, нема победа во нокаут-фазата на Мундијалите уште од 2014 година, а неуспехот во 2026 година се смета за нов „фудбалски кошмар“ за нацијата.

Јирген Клоп – единствената надеж?
Веднаш по објавата за заминувањето на Нагелсман, германската јавност и DFB го насочија погледот кон единственото име кое се смета за способен да го извлече тимот од кризата: Јирген Клоп.
Во официјалното соопштение на сојузот се вели: „DFB ќе започне преговори со Јирген Клоп. Тој веќе сигнализираше дека е генерално подготвен да ја преземе функцијата“.
Клоп, кој од јануари 2025 година ја извршува функцијата „шеф за глобален фудбал“ во Ред Бул, по заминувањето од Ливерпул во 2024 година постојано беше поврзуван со враќање на тренерската клупа. Неговото присуство на Мундијалот како стручен коментатор на германската телевизија само дополнително ги подгреа шпекулациите, особено по неговите забелешки за составите на тимот кои некои ги протолкуваа како суптилна критика кон Нагелсман.
Тешка задача: Реформа на цел систем
Финансискиот аспект на оваа зделка ќе биде значаен предизвик. Клоп во Ред Бул заработува околу 8,5 милиони фунти годишно, што е значително повеќе од платата на Нагелсман, но DFB очигледно е подготвен да ја плати цената за да го добие човекот кој се смета за „национален спасител“.
Целите на Клоп се јасни:
- Квалификација и успешна кампања на ЕУРО 2028.
- Ревитализација на националниот тим: Враќање на препознатливиот германски идентитет и квалитет на нивото пред 2016 година.
Оваа смена на клупата е само почеток на големите промени во германскиот фудбал. Најавено е дека спортскиот директор Андреас Ретиг нема да го продолжи договорот на крајот на годината, што значи дека германската репрезентација влегува во процес на темелна реконструкција. Дали Клоп ќе биде човекот што ќе го врати „Панцирот“ на европскиот и светскиот врв, останува да видиме во наредните денови.



