Елиминацијата од Шпанија (1-0) во осминафиналето на Светското првенство донесе нов голем потрес во таборот на Португалија. Веднаш по емотивното мундијалско збогување на Кристијано Роналдо, селекторот Роберто Мартинез официјално потврди дека го напушта кормилото на репрезентацијата, нагласувајќи дека овој пораз означува дефинитивен крај на еден циклус.
Крај на еден три и пол годишен циклус
Шпанскиот стратег, кој ја презеде Португалија на почетокот на 2023 година, објасни дека неговиот договор завршува со овој натпревар на стадионот „АТ&Т“ во Тексас и дека двете страни нема да ја продолжат соработката.
„Ова е крај на циклусот и важно е тимот сега да добие нов глас. Мојот фокус кога дојдов во Португалија беше да го освојам Светското првенство. Верувам дека без освојување на Мундијалот, едноставно нема смисла да продолжам“, изјави Мартинез. Тој упати јавна благодарност до претседателот на федерацијата, Педро Проенса, истакнувајќи дека е сосема легитимно новото раководство да добие шанса самостојно да избере свој предводник за следниот период.
За време на неговиот мандат, поранешниот менаџер на Евертон ја однесе Португалија до четвртфиналето на Еуро 2024 каде беа елиминирани од Франција, но во 2025 година успеа да ја освои Лигата на нации по победата над Шпанија на пенали.
Одбрана за одлуката со Кристијано Роналдо
Мартинез се соочи со сериозни критики од медиумите за неговата одлука да не го замени 41-годишниот Роналдо, кој одигра уште еден блед и отсечен натпревар против Шпанците. Сепак, селекторот цврсто застана зад својот капитен, кој стави крај на својата последна мундијалска приказна со рекордни 232 настапи и 146 гола за националниот тим.
„Денес е многу лесно да се анализира на тој начин. Кога имате тим во ваква ситуација, не можете едноставно да го извадите Кристијано од игра, барем не во регуларните 90 минути, бидејќи тој физички беше целосно, целосно способен. Тој е огромно присуство на теренот, отвора простор и секогаш е опасен во шеснаесетникот. Не ни недостигаше неговото искуство, па затоа негова замена немаше да има никаква смисла. Тој беше неверојатен пример за капитен, како на фудбалски, така и на човечки план“, дециден беше Мартинез.
Португалија сега ќе мора да започне потрага по нов долгорочен предводник кој ќе има задача да изгради нов систем, со оглед на тоа што репрезентацијата веќе има обезбедено автоматски пласман на Светското првенство во 2030 година како ко-домаќин заедно со Шпанија и Мароко.



