Светските медиуми утрово осамнаа со наслови полни со неверување. „Како е можно Франција да биде елиминирана?“, „Што тргна наопаку за главниот фаворит?“, „Шок во Далас: Шпанија ја сруши Франција!“. Но, ако фудбалската јавност барем за момент ги тргнеше розовите очила низ кои ја гледаше француската репрезентација, воопшто немаше да биде изненадена од синоќешниот резултат (2-0).
Вистината е дека Шпанија не приреди никакво чудо. „Црвената фурија“ само ја потврди својата доминација, одржувајќи вистински мастерклас против тим чие его беше вештачки напумпано од медиумите до точка на недопирливост.
Митот за „недопирливата“ Франција и лесниот пат до полуфиналето
Наративот дека Франција „мора“ да го освои овој Мундијал се градеше со месеци. Со напад составен од Килијан Мбапе, Усман Дембеле и брилијантниот Мајкл Олисе, медиумите ги прогласија за апсолутни владетели. Но, никој не сакаше да го анализира нивниот пат до полуфиналето.
Французите се прошетаа низ турнирот играјќи против објективно послаби противници, потпирајќи се исклучиво на индивидуалниот блесок на своите ѕвезди. Кога сè оди лесно против екипи кои се бранат, лесно е да изгледаш како супер-тим. Но, штом налетаа на првиот сериозен, тактички организиран противник, францускиот индивидуализам удри во ѕид. Статистиката е брутална – сопствениците на „најдобриот напад во светот“ го упатија својот прв удар во рамките на шпанскиот гол дури во 81-та минута!
Ароганцијата на губитникот: „Изгубивме од самите себе“
Најдобар доказ за тоа колку Французите полетаа во облаци е изјавата на Рајан Черки по натпреварот. Тој истакна дека Франција не изгубила од Шпанија, туку „изгубила од самата себе“, додавајќи дека сите биле исплашени од нив и дека кога им било премногу лесно на турнирот, почнале да мислат дека се „над останатите“.
Ова е класична ароганција која се обидува да го омаловажи противникот. Франција не се победи самата себе. Франција беше тактички уништена, надиграна и задавена од шпанскиот систем. Родри господареше со средината на теренот, ги затвори сите коридори и го направи Олисе целосно невидлив. Дани Олмо си поигруваше меѓу линиите, додека Ламин Јамал и Педро Поро ја искинаа француската одбрана. Да се каже дека Франција се победила самата себе е огромна навреда за фудбалската интелигенција и перфекција што ја прикажа Шпанија.
Шпанија не се криеше, само паметно дозираше
Додека светот беше заслепен од француските голови, четата на Луис де ла Фуенте тивко и трпеливо си ја вршеше работата. Дали навистина треба да сме изненадени од тим кој (ако не ги сметаме пеналите) нема пораз од март 2023 година?
Шпанија пристигна во полуфиналето со само еден примен гол на целиот турнир. Тоа е одлика на шампионски тим кој знае како да ја дозира својата енергија. Не трошеа сили кога не мораа (како на ремито со Зеленортските Острови), туку ја креваа формата точно кога беше најпотребно. Нивниот фудбал не е само бесцелно додавање; тоа е агресивен конта-пресинг, молскавична транзиција и непогрешливо читање на играта.
Шпанија апсолутно го заслужи билетот за финалето во Њујорк. Време е фудбалскиот свет да престане да бара изговори за елиминацијата на фаворитите и конечно да му оддаде признание на тимот кој на теренот покажа дека фудбалот сепак е тимска, а не индивидуална игра.



