„Тимот на Барселона е светски шампион“ – вака гласеа дел од насловните страни во каталонскиот град утрото по победата на Мундијалот во 2010 година.
Каталонските пријатели отсекогаш жестоко се противеле на идејата да навиваат за Шпанија на било кое натпреварување, одејќи дотаму да навиваат најчесто дури и за противниците. Но, летото 2010 година тој јаз полека почна да се намалува. Причината беше едноставна – на Светското првенство стартерите и хероите на Шпанија беа главно оние од нивниот омилен клуб, Барса.
На плоштадот „Еспања“ масовно го следевме финалето против Холандија, а изненадувачки, голем дел од локалците веќе не толку тајно сакаа нивните миленици да го освојат трофејот. Шпанија ја освои својата прва ѕвезда над амблемот, а победата се славеше до раните утрински часови низ улиците на Барна.
Утрото, сите некако полу-будни, но сè уште еуфорични се упатуваа кон своите работни места, јасно знаејќи дека дента нема многу да се работи, па некако и ќе се преживее до сиестата. Секое утро во автобусот од нашата компанија кој нè носеше до работа, на седиштата имаше оставено дневни весници, а на насловната тој ден осамнаа насловите: „Тимот на Барселона го освои Мундијалот“, „Барселона е светски шампион“…

Шеснаесет години подоцна, каталонската престолнина осамна со слични насловни страни. Овој пат не бевме на местото на прославата, но бевме тука, на нашата Спортска Станица за да го следиме заедно со вас секој натпревар. Сепак, со последниот свиреж на судијата како инстантно да се вратив назад во времето кога голот на Ињеста предизвика невидена еуфорија. Првото нешто на кое ми текна беше токму тој полу-буден момент и насловната која изнуди насмевка. Каталонците славеа, но славеа на свој начин.
Шпанија сосема заслужено повторно се искачи на тронот, повторно со гол во продолженијата, а во фокусот повторно е истиот тим – Барселона.

Идентитет изграден врз темелите на младоста
Бројките од Мундијалот во 2026 година само го потврдуваат она што се чувствуваше на улиците пред деценија и пол. Дури осум фудбалери на каталонскиот гигант беа дел од шампионскиот состав на селекторот Луис де ла Фуенте. За да се сфати тежината на овој податок, доволно е да се напомене дека во целата историја на светските првенства, само три екипи имале поголема клупска застапеност. Ова е највисоката бројка уште од далечната 1950 година, кога уругвајскиот Пењарол даде девет играчи за националниот тим.
Двајца од главните протагонисти во овој поход кон светскиот врв беа 19-годишните Ламин Јамал и Пау Кубарси, супер-таленти кои заедно чекореа низ ходниците на славната академија „Ла Масија“. Влијанието на школата беше евидентно и на самиот терен за време на финалето на „МетЛајф“ стадионот, каде што настапија уште двајца нејзини производи – капитенот на Аргентина, Лионел Меси, како и шпанскиот лев бек Марк Кукуреља. Херојот кој го постигна победничкиот гол, Феран Торес, иако потекнува од Валенсија, целосно се вклопи во системот на Барса од 2021 година наваму.

Фудбалската еволуција која го промени светот
Повеќе од самите бројки, она што вистински го отсликува влијанието на Барселона е стилот на игра. Како што објаснуваат од каталонската академија, нивната примарна цел никогаш не била да ја хранат репрезентацијата, туку да создаваат играчи кои наизуст ја знаат клупската филозофија. Сепак, природната синергија се случи кога Шпанија пред две децении реши да го промени својот идентитет.
Некогашната „La Furia Española“, препознатлива по грубата игра и брзите транзиции, замина во историјата во 2004 година под водство на Луис Арагонес. Тој го исфрли Раул од тимот и ги предаде клучевите од играта на Чави Ернандез, создавајќи систем базиран на посед и техничка доминација кој донесе две европски и една светска титула во периодот од 2008 до 2012 година. Денешната генерација е само природна еволуција на тој победнички концепт кој се негува во Барселона.
Контрастот со Мадрид и парадоксот на финансиската криза
Сликата станува уште поинтригантна кога ќе се спореди со ситуацијата во таборот на лутиот ривал. По шпанската доминација минатата деценија, претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез, инвестираше огромни средства во најдобрите шпански таленти (Иско, Асенсио, Иљараменди, Себаљос). Но, тие играчи никогаш не станаа носители на националниот тим. Контрастот кулминираше ова лето, кога за првпат во историјата, Шпанија објави првичен список за Мундијал без ниту еден единствен играч на Реал Мадрид во своите редови (трансферот на Кукуреља се реализираше дури на средина од турнирот).

На крајот, колку и да звучи парадоксално, токму длабоката финансиска криза на Барселона се покажа како најголем благослов за шпанскиот фудбал. Неможноста да се купуваат скапи ѕвезди го принуди клубот целосно да им верува на сопствените деца. Јамал, Кубарси, Фермин Лопез и Марк Бернал добија шанса многу порано од вообичаеното, а нивниот забрзан развој сега директно се преточува во златни медали.
Историјата понекогаш навистина се повторува. Тимот на Барселона е повторно светски шампион, а новата златна ера допрва започнува.



