Можеби задоцнија… Можеби требаше ова да се случи по двојниот пораз од локалниот ривал Сандерленд… Можеби барем на крајот од сезоната… Можеби раководството во договор со Еди Хау чекаше слаб настап на Англија па тој да замине како херој и да го преземе селекторското столче на гордиот Албион… Можеби…
🚨 EXCLUSIVE: Eddie Howe set to leave Newcastle United. All parties initially chose to continue but 48yo has informed #NUFC of decision to take break & will depart after 5yrs as head coach. Matthias Jaissle of Al Ahli lined up as replacement @TheAthleticFC https://t.co/zrVnbFEvBd
— David Ornstein (@David_Ornstein) July 30, 2026
Но едно е сигурно, Њукасл Јунајтед му должи на Еди онолку колку што и Еди му должи на Њукасл. Тој ги спаси од испаѓање по преземањето на клубот од страна на ПИФ (Саудискиот инвестициски фонд). И не само тоа, тој донесе вреден трофеј во витрините по повеќе од половина век, го освои Карабао Купот во 2025 година, завршувајќи ја сушата долга цели 70 години. По пет години поминати на клупата, исцрпениот Хау, кој дури беше и хоспитализиран со пневмонија минатиот април, самиот одлучи дека е време за крај.

Крајот на убавата приказна и плафонот на англиските менаџери
Сепак, Еди Хау покажа дека токму ова е неговиот плафон на тренерското место. Тој се докажа во сезоните кога Њукасл учествуваше во Лигата на Шампионите, едноставно тој со својот стручен штаб, не е способен да подготви тимот да игра квалитетни два меча во иста недела. Како и повеќето англиски тренери, тие се заглавени со фудбалската идеологија во минатото, и затоа впрочем Англичанец тренер никогаш ја нема освоено модерната Премиер Лига каква што ја знаеме денес.
Крајот на неговата ера се поклопува со исклучително турбулентно лето за клубот, кој за комбинирани 170 милиони фунти ги продаде Ентони Гордон во Барселона и Сандро Тонали во Тотенхем, додека капитенот Бруно Гимараеш јасно стави до знаење дека сака трансфер во Арсенал. Оваа несигурност само го забрза заминувањето на човекот кој повторно го сплоти градот.
Дали германската школа е лекот за „Сент Џејмс Парк“?
Од друга страна, Њукасл е во напредни преговори да донесе еден од најголемите светски фудбалски таленти кога се во прашање тренерите, Матијас Јаисле. Овој 38-годишен германски стратег е спремен да ја започне новата ера на клубот.
Како типичен претставник на германската фудбалска филозофија и директен ученик на Ралф Рангник, Јаисле претпочита формација 4-2-3-1, негувајќи агресивен фудбал, висок пресинг и убиствени вертикални напади. Неговото резиме е застрашувачки добро за неговата возраст: освои две титули во Австрија со РБ Салцбург, а потоа замина во Ал Ахли, каде ги освои последните две изданија на Азиската Лига на шампиони во 2025 и 2026 година.

Дали новата ера за Њукасл започнува со новиот Јирген Клоп? Дали конечно ќе гледаме модерен фудбалски „хеви-метал“ на северот на Англија? Времето ќе покаже. Дотогаш, на Еди можеме да му кажеме само едно искрено: Фала ти за сè, легендо!



