Светската куќа на фудбалот очигледно нема намера да отстапи пред најголемиот бунт во нејзината понова историја. И покрај жестоките критики и најавите за масовен бојкот, ФИФА одбива да го повлече контроверзниот план за продажба на удели во комерцијалниот ентитет на Светското првенство на приватни инвеститори. Во својот најнов одговор, организацијата предводена од Џани Инфантино инсистира дека „никој не го продава фудбалот“ и потврди дека ќе продолжи со планираниот период за консултации.
Азија го затвора обрачот околу ФИФА
Обидот на ФИФА да ја смири топката доаѓа во момент кога отпорот добива глобални размери. Азиската фудбалска конфедерација (АФЦ) официјално им се приклучи на УЕФА и КОНКАКАФ во категоричното отфрлање на идејата за приватизација на Мундијалот. Овие три конфедерации заедно претставуваат дури 137 од вкупно 211 земји-членки на ФИФА, што создава огромен притисок врз раководството во Цирих.
Во своето соопштение, АФЦ изрази сериозна загриженост поради „невидените поделби“ што овој предлог ги предизвика во спортот. Азиската централа отиде и чекор подалеку, истакнувајќи дека овој проблем открива суштински слабости во процесот на донесување одлуки и управувањето на ФИФА, барајќи итни реформи. Незадоволството е толку големо што за време на состаноците на УЕФА и КОНКАКАФ отворено била доведена во прашање дури и иднината на Инфантино на лидерската позиција.
Илузија на избор и брутални финансиски уцени
Одговорот на ФИФА изобилува со тврдења дека новиот ентитет, FIFA Forward Enterprises (FFE), се предлага исклучиво за да им се овозможи на членките да имаат сопственост над комерцијалните можности, без притоа да се наруши духот на играта. Светската куќа на фудбалот порачува дека ниту еден поединечен ентитет не може да тврди дека ги претставува сите 211 членки низ светот, во обид да го минимизира влијанието на УЕФА.
Сепак, деталите од предлогот ја откриваат вистинската природа на планот. Формирањето на новата компанија, која од страна на JPMorgan Chase е проценета на 20 милијарди долари, е директно и неодвоиво поврзано со продажбата на 21 отсто од акциите на надворешни инвеститори. Се очекува групата инвеститори да биде предводена од Thrive Capital, компанија основана од Џошуа Кушнер. Националните федерации немаат опција да гласаат само за формирање на компанијата за подобрување на комерцијалното работење без притоа да се согласат на приватизацијата.
Ултиматумот, за кој Инфантино даде рок од само 53 дена, содржи јасна финансиска уцена: оние федерации кои ќе го поддржат планот ќе добијат 40 милиони долари во циклусот 2027-2030, додека оние кои ќе се спротивстават ќе добијат само 20 милиони долари доколку предлогот сепак помине.
Со заканата од УЕФА дека нејзините 55 членки целосно ќе ги бојкотираат сите натпреварувања на ФИФА доколку планот не биде отфрлен, фудбалскиот свет се наоѓа пред историска крстосница каде алчноста и традицијата водат немилосрдна битка.



