Македонскиот репрезентативец Елиф Елмас и официјално се враќа во италијанското Калчо, откако помина неизвесното лето полно со трансфер-шпекулации. Во трансфер кој дојде како вистинско изненадување и за кој претходно немаше ниту една единствена најава, клубот од Бергамо потврди дека го ангажираше нашиот „дијамант“ на позајмица со право на откуп од германскиот РБ Лајпциг.
Eljif ha un messaggio per voi 🤩🖤💙 pic.twitter.com/OkOE0sXELi
— Atalanta B.C. (@Atalanta_BC) August 22, 2026
Повторна соработка со Џунтоли и првпат под палката на Сари
Овој трансфер претставува повторно обединување на Елмас со директорот Кристијано Џунтоли. Токму Џунтоли беше човекот кој во 2019 година го донесе Елмас во Наполи и одлично ги познава квалитетите на македонскиот играч за врска.
Интересно е што Елмас за првпат во својата кариера ќе соработува со искусниот стратег Маурицио Сари, кој ова лето го презеде кормилото на тимот од Бергамо. Висината на сумата за евентуалниот откуп на договорот засега останува тајна, но јасно е дека Аталанта добива врвно, проверено засилување за новата сезона во Серија А.
Додека сите шпекулираа, Аталанта тивко ја заврши работата
Летово македонскиот медиумски простор речиси секојдневно беше преплавен со сензационални написи кои го селеа Елмас во буквално секој втор италијански клуб. Се споменуваа разни комбинации, но интересно е што ниту еден медиум ниту еднаш не го спомена името на Аталанта. Како редакција свесно избиравме да не ги следиме таквите шпекулации без цврста основа сè додека нема конкретни и веродостојни информации, па ретко и пишувавме за истите, а денешниот ден покажа зошто – додека јавноста се занимаваше со гласини, Аталанта во строга тајност ја заврши целата зделка.
Докажан квалитет и трофејно искуство на Апенините
За Елмас ова е враќање на добро познат терен каде што ги прикажа своите најдобри партии. Зад себе има 189 настапи во Серија А во дресовите на Наполи и Торино, со ефект од 19 погодоци и 13 асистенции.
Македонскиот ас помина шест години под договор со клубот од Неапол, освојувајќи го Скудетото, Купот на Италија и Суперкупот. Неговата разноврсност во средниот ред и искуството на апенинските терени ќе бидат огромен плус за амбициите на Аталанта во претстојната сезона.



