Бундеслигашко искуство за македонските голмани: Драган Јерковиќ во стручниот штаб на Лазаров

 

Објавено:

Ракометната федерација на Македонија (РФМ) официјално го потврди најновото засилување во стручниот штаб на машката сениорска репрезентација. Познатиот хрватски стручњак Драган Јерковиќ е назначен за нов тренер кој ќе биде задолжен за работата со македонските голмани.

Јерковиќ носи огромно интернационално искуство во македонскиот национален тим, со посебен акцент на неговиот ангажман во најсилната лига на светот – германската Бундеслига. Во изминатите две сезони, хрватскиот стратег успешно ја извршуваше функцијата тренер на голманите во редовите на Рајн-Некар Левен, додека од тековната натпреварувачка сезона (2026/27) својата кариера ја продолжува во бундеслигашот Ерланген.

„Повикот од Лазаров едноставно не можев да го одбијам“

Хрватскиот стручњак не го криеше задоволството од новиот предизвик, потенцирајќи дека клучна улога во неговото доаѓање одиграл македонскиот селектор.

„Голема чест и задоволство ми е што ќе бидам дел од македонската репрезентација во квалификациите за Европското првенство, како и на Светското првенство во Германија. Повикот од мојот поранешен соиграч и пријател Кирил Лазаров едноставно не можев да го одбијам. Македонија е репрезентација која има посебна емоција и огромна желба за напредок, а ракометот во оваа земја е повеќе од спорт, тој е дел од нејзината традиција и идентитет“, изјави Јерковиќ.

Новиот член на стручниот штаб истакна дека гледа огромен потенцијал во македонските голмани. Тој смета дека националниот тим располага со одличен спој на искуство и младост меѓу стативите и е сигурен дека со заедничка работа ќе се направи голем исчекор кон остварување добри резултати. Јерковиќ вети дека ќе го вложи целото свое искуство и знаење за да ѝ помогне на репрезентацијата во предизвиците кои претстојат.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено