Дисциплинската комисија при Фудбалската федерација на Македонија ги соопшти најновите одлуки за прекршоците направени на натпреварите од домашните натпреварувања, при што неколку клубови заработија сериозни парични казни.
Највисоката санкција од оваа сесија ја доби ГФК Тиквеш 1930. Клубот ќе мора да плати 5.000 евра поради неспортско однесување на трибините за време на натпреварот против ФК Шкендија Арачиново 77. Казната е изречена поради националистички скандирања и фрлање предмети на теренот од страна на навивачите.
Парична казна заработи и ФК Струга Трим Лум АД во висина од 2.000 евра. Причината за оваа санкција е слабата организација на нивниот натпревар. Поконкретно, дисциплинците забележале пропусти во необезбедувањето паркинг простор за гостинската екипа, како и несоодветно обележување на линиите на самиот терен за игра.
Суспензии за Димитриевски и Ивановски
Покрај клубовите, Дисциплинската комисија изрече и суспензии за двајца фудбалери кои беа исклучени на своите натпревари. Фудбалерот на ФК Беласица, Димитриј Димитриевски, како и играчот на ФК АП Брера Струмица, Зоран Ивановски, заработија забрана за настап на по еден натпревар поради добиен втор жолт, односно црвен картон.



