По пауза од повеќе од четири и пол години, европската ракометна елита повторно се враќа во нашиот дом. Вечерва, со почеток во 18:45 часот, РК Вардар 1961 го пречекува францускиот гигант Нант во рамките на второто коло од Групата Б во ЕХФ Лигата на шампионите.
Спортскиот центар „Јане Сандански“ се подготвува уште еднаш да го оправда епитетот на неосвоива тврдина. Иако „црвено-црните“ во првото коло доживеаја тесен пораз на гостувањето кај МТ Мелсунген (33:31), борбеноста и карактерот кои ги покажаа ветуваат дека вечерва бодовите тешко ќе си заминат од Скопје.
Мотив до небо и почит кон противникот
Тренерот на Вардар, Иван Чупиќ, пред официјалната прес-конференција со огромна почит зборуваше за францускиот состав, но јасно стави до знаење која е целта на македонскиот првак.
„За Нант можам да кажам само убави зборови, и за тренерот и за целиот состав. Секако, имаме свои желби и надежи да дојдеме до двата бода и до првата победа во оваа сезона. Сакаме да ја почувствуваме вистинската поврзаност со нашата сала и веруваме дека тоа може да ни помогне да стигнеме до победата“, изјави Чупиќ.
Слично размислува и словенечкиот интернационалец Јака Малус, за кого настапот во овој дрес пред скопската публика е остварување на голема желба: „На домашен терен немаме пораз повеќе од една година и сакаме да продолжиме во ист ритам. Мотивацијата ми е на највисоко ниво.“
Проблеми со ростерот и битката на стрелците
„Црвено-црните“ ќе мораат да стигнат до триумфот без помошта на Милан Лазаревски (проблем со рамото) и Милан Бомаштар (болка во грбот), додека настапот на Жоао Педро е сè уште неизвесен. Товарот во нападот повторно се очекува да падне врз Вукашин Воркапиќ, кој во првото коло постигна дури 9 голови.
Од другата страна, Нант пристигнува во Скопје по драматичната победа над Орлен Висла Плоцк (26:25), остварена со пенал во последната секунда на швајцарецот Ноам Леополд. Нивното главно оружје ќе биде шпанскиот интернационалец Ијан Тарафета, кој исто така запиша 9 голови во првата рунда.
Тренерот на гостите, Грегори Кожан, е свесен што го чека: „Очекуваме мотивиран тим кој игра дома. Вардар е многу солидна екипа, со одбрана која е високо посветена и агресивна. Нема простор за калкулации, сакаме да победиме.“
Според официјалниот записник на ЕХФ пред почетокот на мечот, правдата во „Јане Сандански“ ќе ја делат унгарските судии Петер Хорват и Балаж Мартон.
Спектакл пред салата – Празник за навивачите
За да го одбележи овој голем натпревар, клубот организира голема фан зона пред салата, вклучувајќи бина, музика и бројни активности како перфектна увертира пред влегувањето во „пеколот“ на трибините. Билетите сè уште се достапни преку платформата vtickets.mk.




