Го заокружуваме нашиот серијал посветен на повратниците во Премиер лигата за оваа сезона. Откако се потсетивме на приказните за Ковентри Сити и Хал Сити, време е да отпатуваме во Источна Англија и да го претставиме клубот кој го направи можеби најсензационалниот камбек во елитата во модерната фудбалска историја – Ипсвич Таун.
Од училишните клупи до Портман Роуд
Почетоците на Ипсвич Таун нè враќаат во далечната 1878 година, кога група ученици од локалното училиште решиле да го формираат клубот. Главниот иницијатор за овој потег бил Т.Ц. Коболд, член на познато локално семејство кое се занимавало со производство на пиво. Интересно е што на самиот почеток клубот не го носел денешното име. За да се разликуваат од постоечкиот локален рагби клуб (кој веќе го користел името Ипсвич ФК), тие се нарекле „Ипсвич Асоцијација ФК“.
Своите први фудбалски чекори ги направиле на теренот Брум Хил, пред да се преселат на Брукс Хол, место каде што соблекувалната била најобична, примитивна дрвена барака. Пресвртот се случил во 1888 година, кога фудбалскиот и рагби клубот одлучиле да се спојат. Оваа фузија го донела денешното име Ипсвич Таун, но и нивниот вечен дом – стадионот „Портман Роуд“.

Сино-бели бои, кралски коњи и историскиот грб
Инспирирани од морнаричката и пристанишна историја на градот, фудбалерите на Ипсвич на почетокот носеле дресови со сино-бели пруги. Кога станале професионалци во 1936 година, преминале на целосно сини дресови, а белите ракави биле додадени по Втората светска војна. Низ децениите стиловите се менувале, но клубот останал верен на својата препознатлива сино-бела комбинација.
Еволуцијата на клупскиот грб е вистинска историска лекција. Најпрво, Ипсвич го користел официјалниот грб на градот – штит со лав и брод со три јарболи, поддржан од морски коњчиња. Оваа симболика била инспирирана од „Cinque Ports“ (средновековна конфедерација на англиски пристаништа задолжени за одбрана на кралството).
Сепак, денешниот легендарен грб на Ипсвич е резултат на натпревар организиран во 90-те години. Победник бил Џон Гамиџ, поранешен благајник на клубот на навивачи, кој сакал да создаде нешто автентично за областа Сафолк. Наместо класичните лавови и орли, тој го избрал коњот од расата „Сафолк Панч“ (Suffolk Punch). Иако многумина го сметале за обичен товарен коњ, Гамиџ истражил дека кралот Ричард I специјално ја одгледувал оваа силна раса за да ги носи тешко оклопените витези во битка. Така, овој благороден коњ, во комбинација со бранови кои го симболизираат морето и историските градби на градот, станал заштитен знак на клубот.

Copyright: © Richard Calver – www.matchdayimages.com, Credit: MatchDay Images Limited
Како настанаа популарните „Трактор Бојс“?
Официјалните прекари на клубот отсекогаш биле прилично едноставни – „Сините“ (The Blues) или едноставно „Таун“ (Town). За време на блескавата ера на Боби Робсон, навивачите ги нарекувале и „Суперблуз“.
Но, во поновата историја се роди еден од најавтентичните и најсимпатичните прекари во англискиот фудбал: „Трактор Бојс“ (The Tractor Boys). Ова име не настанало како маркетиншки трик, туку било спонтано прифатено од самите навивачи како хумористична и самоиронична реакција на фактот што ривалите често ги исмеваа поради земјоделската околина на Ипсвич. Наместо да се навредат, навивачите го присвоија прекарот и денес го носат со огромна гордост.
Од Ремзи и Робсон до чудото на МекКена
Историјата на Ипсвич е одбележана од две масивни тренерски легенди. Сер Алф Ремзи го презеде клубот во 50-те години и го направи невозможното – ги однесе од Третата дивизија до шампионската титула во Првата дивизија во сезоната 1961/62. Откако тој замина да ја води Англија, на сцената стапи Сер Боби Робсон во 1969 година. Под негово водство, Ипсвич стана европска сила, освојувајќи го ФА Купот во 1978 и Купот на УЕФА во 1981 година.

По години на осцилации, финансиски проблеми и пропаѓање дури до Лига 1 (третиот ранг на натпреварување), клубот доживеа вистинска ренесанса. Во 2021 година, новите сопственици го доведоа младиот стратег Киран МекКена (поранешен тренер во Манчестер Јунајтед). Она што следуваше е историја – МекКена направи неверојатен подвиг со две последователни промоции. Во сезоната 2022/23 тимот постигна над 100 голови за излез од Лига 1, а веќе следната година ја шокираше фудбалската јавност и обезбеди директен пласман во Премиер лигата по пауза од цели 22 години.
„Трактор Бојс“ се вратија таму каде што припаѓаат!
Ако сакате да ги прочитате и приказните на другите два тима кои ни се приклучија оваа сезона во Премиер лигата, кликнете на линковите подолу:



