Македонската фудбалска репрезентација се наоѓа пред еден од најгустите и најпредизвикувачките натпреварувачки периоди во поновата историја. Избраниците на селекторот Гоце Седлоски го отвораат новиот циклус во Лигата Б од Лигата на нации, каде што за само 11 дена ќе одиграат дури четири натпревари.
Серијата започнува на домашен терен против фаворизираната Швајцарија на 26 септември во Скопје, по што следуваат гостувањето кај Словенија (29 септември), домашниот меч со Шкотска (3 октомври) и повторната пресметка со Швајцарците во Луцерн на 6 октомври.
Четири натпревари за 11 дена: Ростерот мора да го издржи товарот
Еден од најискусните во нашиот среден ред, Тихомир Костадинов, предупредува дека краткиот период за подготовка и напорниот ритам бараат максимална мобилизација на комплетниот играчки кадар.
„Времето за подготовка е кратко, а нè очекуваат четири натпревари за единаесет дена. Токму затоа мора да бидеме максимално подготвени на секој тренинг. Сметам дека сме доволно голема и квалитетна група играчи каде што секој може да настапи и да го даде својот максимум за да бидеме успешни и да се покажеме во добро светло“, истакнува Костадинов.
„Фаворитската улога не значи ништо на теренот“
Застапувањето во Лигата Б носи дуели со сериозни европски селекции, но фудбалерот од средниот ред нагласува дека Македонија нема намера да излезе со бело знаме, без разлика на реномето на ривалите.
„Ова ќе биде вистински тест да видиме до каде сме во моментов и да покажеме дека можеме да се носиме со најсилните селекции. Секако дека останатите репрезентации важат за фаворити, но тоа не значи апсолутно ништо. На теренот ќе се покаже сè. Со максимален пристап, уверен сум во добар резултат“, дециден е македонскиот репрезентативец.
Колективна одговорност: „Освен Столе, сите можеме да постигнеме гол!“
Коментирајќи ги тактичките замисли и потребата од поголема ефикасност во нападот, Костадинов испрати јасна порака за тимскиот дух и одговорноста која мора да ја поделат сите единаесетмина на теренот.
„И во офанзивата и во дефанзивата мора да функционираме како едно. Моето мислење е дека одбраната почнува од напаѓачите, но и нападот тргнува од дефанзивците. Гол може да се постигне и од прекин. Освен Столе на голот, сите останати можеме да го загрозиме противникот. Работиме на тоа да создадеме што повеќе шанси и конечно да ја подобриме реализацијата“, заклучи Костадинов.






