Македонската фудбалска репрезентација в сабота (26 септември) го игра првиот натпревар од новиот циклус во Лигата на нации, а противникот Швајцарија ќе има огромна поддршка од трибините на Националната арена. Според најавите, се очекува бројка од дури 2.000 гостински навивачи кои ќе пристигнат во главниот град за да ја бодрат својата селекција.
Собир на Кејот и марш кон стадионот
Швајцарската фудбалска федерација веќе ги објави деталните инструкции и логистичкиот план за своите фанови. Официјално собирно место ќе биде „Irish Pub St. Patrick“ лоциран на Кејот 13-ти Ноември, во непосредна близина на Градскиот трговски центар (ГТЦ).
Загревањето за натпреварот започнува уште в петок од 20 часот. Интересен детаљ е што федерацијата строго им наложи на навивачите да не лепат навивачки налепници низ локалот и низ градот, барајќи од нив максимална почит кон македонските домаќини.
Главната мобилизација е закажана за денот на натпреварот (сабота). Фановите ќе почнат да се собираат од 16 часот на истата локација, по што во 19:00 часот е предвиден масовен, организиран марш. Колоната од 2.000 Швајцарци ќе пешачи од центарот на градот сè до стадионот, подготвувајќи се за почетокот на мечот во 20:45 часот.
Традиционални ѕвонци на трибините, но без алкохол
Она што е особено интересно за македонската публика се специфичните правила кои важат за гостинскиот сектор. Швајцарската федерација им препорача на навивачите да носат исклучиво црвено-бели бои и да избегнуваат секакви клупски обележја.
На трибините е дозволено внесување на национални и кантонални знамиња, како и на традиционалните алпски кравји ѕвонци, кои се нивен препознатлив реквизит и со кои се очекува да создадат бучна атмосфера. Од друга страна, фановите се предупредени дека на самиот стадион е строго забрането точење алкохол, како и плаќање во готовина.
Останува на македонската публика да одговори на овој предизвик и да ги наполни трибините за да им даде вистинска, домашна поддршка на избраниците на Гоце Седлоски!






