АПЕЛ ДО ФФМ: Отворете ги портите, репрезентацијата не е луксуз за богати!

 

Објавено:

Доволно е да влезете на платформата за продажба на билети на ФФМ за да ја видите тажната слика на македонскиот фудбал: непрегледни полиња од слободни седишта. Интересот за саботниот дуел против Шкотска е на историски минимум.

Национален тим кој нема победа на шест натпревари по ред и кој цели 540 минути нема постигнато гол, дочекува ривал во Лигата на нации, а некој во Куќата на фудбалот проценил дека цената за билет на Јужната трибина треба да биде фрапантни 1.800 денари.

Ова не е само лош маркетинг – ова е целосно отуѓување од реалноста во која живее македонскиот народ.

Nokian Tyres – Цела зима во ваш ритам

Фудбалот не е луксуз, туку народна игра

Дури и резултатите да беа беспрекорни, дури и да редевме победи против европските велесили, цената од 1.800 денари за обичен натпревар во Македонија е социјален нонсенс. Дали некој во федерацијата воопшто води сметка за просечната плата и стандардот на македонското семејство?

Што правиме со навивачите кои не се од Скопје? За еден вљубеник во фудбалот од Битола, Струмица, Охрид, Прилеп или Кочани, одењето на натпревар се претвора во огромен финансиски удар. Кога на цената на билетот ќе се додадат патарините, горивото, храната, пијалакот и фактот што натпреварот се игра во доцен вечерен термин (што често наметнува потреба и од сместување), едно обично 90-минутно спортско доживување чини колку половина месечна потрошувачка кошничка.

Љубовта кон националниот тим не смее да биде луксуз резервиран за оние со подлабок џеб. Фудбалот отсекогаш бил и мора да остане спорт за сите.

Ако се навратиме на претходните циклуси во Лигата на нации, кога во Скопје гостуваа гиганти и атрактивни селекции како Белгија или Велс, најскапиот билет за централните позиции на Јужната трибина чинеше 500 денари. Денес, за тие 500 денари, навивачот може да купи место само на Запад или во ќошињата на стадионот, додека централните блокови зјаат празни.

Nokian Tyres – Цела зима во ваш ритам

Тогаш застапувавме став дека квалитетниот спортски настан вреди да се плати и ја споредувавме цената со онаа за просечно седнување „на кафе“, но за оваа цена едноставно нема никакво оправдување.

Copyright: SportStation.mk

Каква порака им испраќаме на децата?

Она што најмногу боли е ударот врз младата генерација. Како планираме да изградиме култ кон репрезентацијата кај младите ако ги учиме дека одењето на стадион е привилегија за богатите?

Како еден тинејџер, средношколец или студент кој сонува да ги бодри фудбалерите во живо, ќе побара од своите родители 1.800 денари за еден обичен билет? За просечно македонско семејство, тоа се пари за неколкудневен семеен ручек. Наместо да ги полниме трибините со деца, да создаваме нова база на верни навивачи и да ја шириме љубовта кон црвено-жолтиот дрес, ние на младите им праќаме порака: „Ако немате пари, гледајте на телевизија“. Тоа е најсигурниот пат кон целосно уништување на навивачката култура.

Дали Шкотите ќе ни газат на домашен терен?

Сите добро знаеме кој ни доаѓа на гости во сабота. Противникот е Шкотска, а нивната позната „Тартан армија“ важи за една од најбројните и најгласните навивачки групи во светот. Тие веќе гостуваа во Скопје и одлично знаеме во колкав број патуваат каде и да игра нивниот тим.

Дали сме подготвени среде Скопје да доживееме срам шкотските гајди и песни да доминираат на нашата Арена само затоа што нашиот народ е оттурнат од неоправдано скапите билети? Не смееме да дозволиме да се чувствуваме како гости во сопствениот дом!

Апел до ФФМ: Отворете ги портите!

Натпреварот е во сабота. Јасно е дека сега е предоцна за прекројување на ценовниците и менување на системот за билети. Затоа, испраќаме јавен и директен апел до раководството на Фудбалската федерација на Македонија:

ОТВОРЕТЕ ГИ ПОРТИТЕ ЗА СИТЕ НАВИВАЧИ!

Направете го влезот слободен за секој што сака да дојде и да ѝ даде поддршка на Македонија. Токму сега, по низата катастрофални резултати, кога тимот е во тешка психолошка криза, на фудбалерите најмногу им треба ветерот во грб од полни трибини.

Овие исти момци во изминатите години ни донесоа историски победи, емоции, солзи радосници и пласман на Европско првенство. Тие нè направија горди кога ги победуваа Германија и Италија. Колку и да е тешка моменталната состојба, тие не заслужија да играат пред празен, студен и тивок стадион.

Ослободете го фудбалот. Вратете им го на луѓето. Наполнете ја Арената и дајте им шанса на момците да се борат со својот 12-ти играч зад себе!

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

Nokian Tyres – Цела зима во ваш ритам
 
Nokian Tyres – Цела зима во ваш ритам
 

Тазе објавено