Македонската фудбалска репрезентација се наоѓа пред клучниот предизвик во Б дивизијата од Лигата на нации. По двата стартни порази од Швајцарија и Словенија, притисокот врз националниот тим е огромен, а селекторот Гоце Седлоски на официјалната прес-конференција пред саботниот дуел со Шкотска побара трпение од јавноста и застана во одбрана на своите избраници.
Една од главните теми во спортската јавност изминатиов период беше статусот на капитенската лента, по шпекулациите дека истата ќе му биде одземена на Енис Барди. Седлоски категорично ги отфрли ваквите наводи.
„Првпат слушам за промена на капитенот“
„Поразите на првите два меча нормално дека не ни годат. Што се однесува до Барди, тој останува капитен на екипата и во иднина, искрено првпат слушам таква информација за промена. Овие момци кои се тука го даваат максимумот и ве молам дајте им поддршка на сите. Критиките нека одат кај мене, јас сум тој што презема одговорност,“ изјави Седлоски пред новинарите.
Селекторот потенцираше дека резултатската криза е дел од договорениот процес со ФФМ за целосно реновирање на националниот тим, процес кој според него не може да донесе плод преку ноќ.
„Ја подмладивме репрезентацијата, а ќе подмладувам уште повеќе – тоа е мој договор со федерацијата. Сакаме да создадеме нови играчи и на тој процес останувам до крај. Знам дека резултатите трпат, но работиме на тоа Македонија повторно да биде среќна,“ додаде предводникот на „црвено-жолтите“.
„Знаев каде доаѓам, Лига Б не простува грешки“
Осврнувајќи се на критиките за бледиот напад и недостатокот на голови, Седлоски потсети дека проблемот со реализацијата не е нов, туку нè следел дури и кога сме играле во послаб ранг.
„Играме во Лигата Б. Ова не е вадење од моја страна, туку едноставно факт е дека овде националните тимови се многу подобри и поквалитетни. Кога ја преземав функцијата, точно знаев каде влегувам. Да не заборавиме, ние се мачевме со реализацијата и во нападот дури и кога игравме во Лигата Ц. Работам, следам сè и знам точно што правам,“ дециден е Седлоски.
Против Шкотска без страв и бранење
Следниот противник е цврстата и незгодна Шкотска, репрезентација која негува препознатлив островски стил на игра. Седлоски предупредува дека Македонија не смее да западне во нивниот ритам.
„Шкотска е тим кој форсира долги топки директно во шеснаесетникот. Имаат играчи од Премиер лигата, Чемпионшип и Италија. Ако ја прифатиме нивната игра и нивниот стил, тоа би било кобно за нас. Мора да ги неутрализираме со наша реакција. Спремни сме да излеземе на терен, да покажеме карактер и да продолжиме во оној ритам од Словенија (од каде сум задоволен од играта, но не и од резултатот). Едно е сигурно – нема да се браниме,“ заклучи македонскиот селектор.
Натпреварот меѓу Македонија и Шкотска се игра в сабота на Арената „Тодор Проески“ во Скопје, со почеток во 20:45 часот. Правдата ќе ја дели еден од најдобрите европски судии, Французинот Франсоа Летексје.






