Во пресрет на својот 27-ми роденден, македонскиот фудбалски „дијамант“ Елиф Елмас даде ексклузивно интервју за угледното издание на Flashscore (автор Филип Мишов), во кое отворено проговори за сите подеми и падови во неговата досегашна кариера. По турбулентниот период во германскиот РБ Лајпциг, Елмас повторно е таму каде што се чувствува најдобро – во италијанската Серија А, овојпат во дресот на Аталанта.
Со титули во Серија А, Копа Италија и Суперкупот, и соработувајќи со тренерски великани како Анчелоти, Спалети, Конте и Сари, Елмас има биографија на која би позавиделе многумина, но неговата глад за успеси е далеку од згасната.
Лајпциг беше грешка: „Уште првиот ден ѝ кажав на мајка ми дека ова ќе заврши лошо“
Една од најинтересните теми во интервјуто беше неговиот трансфер во РБ Лајпциг, потег кој не се одвиваше според планираното. Македонскиот репрезентативец одигра само 297 минути во Бундеслигата, а сега за првпат открива што точно се случило зад кулисите.
„Ова можеби никогаш не сум го кажал, но јас бев лично избран од Макс Еберл (сегашен директор на Баерн Минхен). Тој и уште еден директор дојдоа во мојот дом двапати. Тие инсистираа на мојот трансфер. Во тој момент, јас не бев играч кој го бараше тренерот Марко Розе, туку играч кој го сакаа директорите. Додека да пристигнам во Лајпциг, Макс веќе си замина во Баерн,“ открива Елмас.
Она што следело бил јасен сигнал дека работите нема да функционираат. „По првиот разговор со тренерот, се свртев кон мајка ми и ѝ реков: ‘Слушај, ова може да испадне многу, многу полошо отколку што очекувам’. Имав чувство дека новиот спортски директор не ме сака таму. Некои велеа дека немам квалитет за Бундеслигата, но тоа се само празни муабети. Ако не бев доволно добар за Лајпциг, немаше да можам да играм во Наполи покрај играчи како Де Брујне, Мектоминеј или Лоботка.“
Лудилото на Скудетото и влијанието на Конте
Враќањето во Италија беше неминовно. Во интервјуто, Елмас со огромна носталгија се присетува на историската 2022/23 сезона кога со Наполи го освои Скудетото по 33 години чекање, предводени од Лучијано Спалети.
„Уште на првиот ден од подготовките Спалети ни рече: ‘Лони бевме трети, но оваа година не сакам второ или трето место. Оваа година ќе бидеме шампиони.’ Тоа ни даде неверојатна енергија. А кога ја освоивме титулата… тоа беше надреално. Во паркот близу мојот дом ми поставија статуа! Секоја недела луѓе ми носеа торти дома, а каде и да отидев во ресторан, сметката веќе беше платена.“
Минатата сезона (2025/26), Елмас се врати во Наполи како позајмен играч и одигра дури 44 натпревари под палката на Антонио Конте, освојувајќи го Суперкупот. „Очекував да останам во Наполи и сигурен сум дека ако Конте не си заминеше, јас и сега ќе бев таму,“ признава македонскиот играч за врска.
Нова ера во Аталанта и балканската врска
Ова лето, Елмас ја прифати понудата на Аталанта (позајмица со право на откуп). Довербата од спортскиот директор Кристијано Џунтоли и тренерот Маурицио Сари биле клучни за неговата одлука да се пресели во Бергамо.
Тој веќе го постигна својот прв гол за победа во судиското продолжение против Болоња, а адаптацијата му била олеснета од балканската колонија во соблекувалната на „Божицата“. „Штом пристигнав, сите момци од, да речеме, поранешна Југославија, веднаш ми помогнаа. Зборувам српски, сите се дружиме надвор од теренот, а бидејќи веќе долго сум во Италија и го знам јазикот, сè помина многу полесно.“ Иако моментално игра како лево крило во формацијата 4-3-3, Елмас не крие дека неговата омилена позиција останува класична „десетка“.
Фенербахче може да почека, приоритет е Светското првенство!
На прашањето за постојаните повици од навивачите на Фенербахче да се врати во Истанбул, Елмас вели дека тоа сигурно ќе се случи еден ден, но смета дека сега сè уште може да игра на највисоко ниво во Топ 5 лигите. Негова главна цел за оваа сезона е да ја подобри својата индивидуална статистика (голови и асистенции), но најголемиот сон е поврзан исклучиво со црвено-жолтиот дрес.
„Мојот ултимативен сон е Светско првенство со Македонија. Играв на ЕВРО У21 во 2017 година, потоа на сениорското Европско првенство во 2021, па Светското првенство е логичната следна цел. Се разбира, прво треба да гледаме кон ЕВРО 2028. Сè додека ме држат нозете, ќе го давам максимумот за Македонија. И се надевам дека нема да ја завршам кариерата сè додека не се пласирам на Светско првенство, па дури и ако тоа се случи откако ќе наполнам 40 години!“, заклучува Елмас.
Целото интервју прочитајте го тука.






