Ако постои еден сегмент за кој новото раководство на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) заслужува неспорни пофалби, тоа е начинот на кој го водат маркетингот и комуникацијата со јавноста. Дигиталниот пристап очигледно е подигнат на едно сосема ново, повисоко ниво, дури и кога, да бидеме брутално искрени, надвор од тоа на резултатски и организациски план работите се далеку од идеални и системот едноставно „протекува“ на повеќе страни. Како најнов пример за овој маркетиншки напредок е специјалното издание на Инфо магазинот на ФФМ, креиран пред претстојниот дуел од Лигата на нации помеѓу Македонија и Шкотска.
Најдобрите гости што Скопје некогаш ги имало
И да бидеме целосно искрени, едно вакво луксузно дигитално издание навистина не можеше да добие подобар тајминг, ниту пак да биде издадено против подобар противник. Зошто? Бидејќи шкотската „Тартан армија“ е веројатно најдобрата навивачка група што некогаш го посетила Скопје, а несомнено и една од најдобрите репрезентативни публики во светот.
Со својата „обичност“, неверојатна топлина, харизма и препознатлив позитивен дух, тие барем на неколку дена го претворија нашиот главен град во поубаво место за живеење во ова необично време. Познати низ светот по своето пријателско однесување, шареноликата облека со традиционални килтови и бројните хуманитарни акции, шкотските навивачи редовно добиваат награди за фер-плеј од УЕФА и ФИФА. На Националната арена „Тодор Проески“ се очекува да бидат присутни над 3.200 шкотски навивачи.
Нов почеток за Македонија
Самиот инфо магазин нуди одлична содржина, вклучувајќи изјави од селекторите и профили на фудбалерите. Селекторот на македонската репрезентација, Гоце Седлоски, потенцира дека тимот се наоѓа во процес на подмладување и дека младоста и енергијата се темелот врз кој ќе се гради новата Македонија.
Од друга страна, статистиката во магазинот потсетува дека досега сме одиграле вкупно четири натпревари против Шкотска, со биланс од една победа, едно реми и два порази. Нашата единствена победа (1:0) беше остварена токму во Скопје во 2008 година, со раниот гол на Илчо Наумоски.






