Македонската фудбалска репрезентација утревечер се соочува со најголемиот предизвик во овој пеколен октомвриски циклус – ново соочување со силната Швајцарија, само десет дена по пресметката во Скопје. По серијата негативни резултати, критики од јавноста и видливиот пад на самодовербата, селекторот Гоце Седлоски и дефанзивецот Висар Муслиу на денешната прес-конференција излегоа со директни, емотивни и самокритични пораки.
Пораката од нашиот табор е јасна: респектот кон Швајцарија постои, но на теренот мора да се излезе со поинаков пристап, со борба за секоја топка и со вистинска почит кон националниот дрес.
Седлоски ги презема сите критики на свој грб и најавува освежување на тимот
Селекторот Гоце Седлоски не бега од реалноста, но категорично одбива улога на аутсајдер кој однапред се помирил со пораз. Тој нагласи дека грешките од скопскиот натпревар мора да се елиминираат преку колективна игра.
„Знаеме каква репрезентација е Швајцарија и со какви играчи располага. Мора да ги надминеме грешките од првиот меч. На терен ќе излеземе да докажеме дека знаеме да ги отстраниме проблемите со колективна игра и дишење еден за друг. Швајцарија е велесила, но ние тука не дојдовме само да одиграме натпревар, туку да направиме нешто. Сакаме добар натпревар и да се израдуваме по поразите што ги имавме“, дециден е Седлоски.
Поради пеколниот распоред од четири средби во само 12 дена, стручниот штаб ќе направи освежување во почетниот состав:
„Сите повикани фудбалери ќе добијат шанса. Ќе има свежи играчи и промени, бидејќи ваков ритам тешко се издржува. Имаме и млади момци кои одлично се прифатени од поискусните. Сакам подобро издание од секој поединец, а критиките треба да бидат насочени исклучиво кон мене – фудбалерите во овој момент мора да ја добијат сета потребна поддршка.“

Муслиу со отворено предупредување: „Да ставиме прст на глава и да видиме како се однесуваме кон дресот“
Висар Муслиу, како еден од најстандардните столбови во одбраната, испрати исклучително зрела и силна порака до соблекувалната, признавајќи дека резултатите во Лигата Б се далеку под нивото на кое ја навикнаа македонската јавност.
„Швајцарија има квалитет од голман до шпиц, па затоа не може да зборуваме само за одбраната. Ќе ни треба тимска одговорност од напаѓачот па сè до голманот, секој мора да учествува дефанзивно. Се наоѓаме во тешка ситуација, нема резултати, а сите ги очекуваа бидејќи го навикнавме народот на победи. Мора да ставиме прст на глава, да видиме што правиме и како се однесуваме кон овој дрес. Не смее само противникот да се прашува на теренот“, истакна Муслиу.
Емотивен апел: Поддршката е најважна кога е најтешко
Дефанзивецот не го сокри разочарувањето од навредите кои пристигнуваат на адреса на тимот во последниот период, потсетувајќи дека станува збор за истите момци кои во минатото носеа историски радости.
„Ние сме луѓе од крв и месо, имаме емоции. Кога оди добро, сè е убаво, но кога има толку многу навреди кон некого, тоа боли. Сега ни е најмногу потребна вистинската поддршка. Не ни е сеедно што немаме победа и постигнат гол, но мора да гледаме напред. Како што правевме големи резултати порано, така верувам дека можеме да бидеме многу подобри на следните мечеви“, порача Муслиу.






