Репрезентативниот собир заврши, поразите оставија длабоки лузни, а македонскиот фудбал се наоѓа во еден од најтешките периоди во својата историја. Во време кога јавноста со право е разочарана, а критиките фрчат од сите страни, најтешко е да се излезе напред и да се преземе одговорност.
Токму тоа го направи капитенот на македонската репрезентација, кој преку своите профили на социјалните мрежи испрати искрена, болна, но и храбра порака до целата нација.
„Дадовме сè од себе, се боревме до крај, но некогаш ни максимумот не е доволно. Многу тешки денови поминавме, за секој било тешко, идеме заедно да се вратиме подобри. Само критика и маски… Разочарувањето боли. Но, ако нешто научивме низ годините, тоа е дека Македонија секогаш наоѓа сила да се врати. ЌЕ СЕ ВРАТИМЕ. МОРАМЕ ДА СЕ ВРАТИМЕ! Главата горе. Ова не е крајот на нашата приказна ❤️“ – напиша капитенот.
Како што веќе потенциравме во нашата неодамнешна колумна, ние сме секогаш на страната на играчите. Редакцијата на „Спортска Станица“ и вистинските навивачи на трибините немаат апсолутно никаква замерка за залагањето, борбеноста и срцето кое капитенот го остава на теренот секој пат кога ќе го облече светиот дрес.
Тој и оваа генерација момци не заслужуваат да бидат жртвени јарци за системските пропусти и тактичката летаргија која владее во моментов. Браво за овие зборови! Вистинскиот лидер се познава токму кога бродот тоне – тогаш кога треба да се прими ударот, да се крене главата и да се обедини тимот.
Ова навистина не смее да биде крајот на оваа приказна. Напред Македонија!






