Гоце Седлоски повеќе не е селектор на македонската А фудбалска репрезентација. Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) денеска официјално потврди дека со досегашниот предводник на националниот тим е постигнат договор за спогодбено раскинување на соработката, со што се става крај на неговиот мандат на клупата на „рисовите“.
Почит кон легендата и покрај резултатскиот неуспех
Од Куќата на фудбалот во своето официјално соопштение истакнаа дека ваквиот потег во овој момент е најдобро решение и за националниот тим и за самиот Седлоски, со цел да се избегне дополнителен притисок врз човек кој оставил длабока трага во македонскиот фудбал како рекордер по бројот на настапи, капитен и трофеен тренер.
„Понекогаш во фудбалот, без оглед на искуството, посветеноста и добрите намери, работите едноставно не се одвиваат онака како што сите посакуваат. Сметаме дека во овој момент е најдобро разделбата да биде во интерес на репрезентацијата, но и на Гоце Седлоски, без дополнителен притисок и негативни коментари кои не треба да бидат товар за човек кој оставил длабока трага во македонскиот фудбал“, наведуваат од ФФМ.
Од федерацијата додаваат дека околностите и моментот во кој Седлоски ја презел селекцијата не биле идеални, а високите очекувања не се поклопиле со реалноста и остварените резултати, но порачуваат дека почитта кон луѓето кои го задолжиле македонскиот фудбал мора да остане и по последниот натпревар.
Историски најлоша календарска година без ниту една победа
Одлуката за разделба доаѓа девет дена по домашниот пораз од Словенија (0-3) во Скопје, по кој Седлоски го стави својот мандат на располагање и најави разговори со раководството на федерацијата. Како што веќе детално анализиравме, 2026 година ќе остане запишана како статистички најтешка во историјата на националниот тим.
Под водство на Седлоски во тековната календарска година, Македонија одигра вкупно 10 натпревари – баражот за Светското првенство против Данска, три пријателски средби и шест дуели во Б-дивизијата од УЕФА Лигата на нации, при што забележа биланс од 0 победи, 2 ремија и 8 порази, со гол-разлика 1:23. Единствениот погодок во овој период го постигна Елмин Растодер на гостувањето кај Шкотска во Глазгов, со што беше прекината низата од осум последователни средби без даден гол.
Нов селектор пред мартовскиот бараж со Кипар
По завршувањето на групната фаза во Лигата на нации без освоен бод, пред македонската репрезентација сега следува период на ресетирање и избор на нов предводник.
Следниот официјален предизвик за националниот тим е закажан за март 2027 година, кога Македонија ќе игра двомеч против селекцијата на Кипар во баражот за опстанок во Б-дивизијата од Лигата на нации.






