Кевин Дјурант испиша ново златно поглавје во својата блескава кариера, откако во ноќешната победа на Хјустон Рокетс против неговиот поранешен клуб Феникс Санс (116-104) стана дури петтиот кошаркар во историјата на НБА лигата со 33.000 постигнати поени.
Историскиот момент се случи во завршницата од втората четвртина, кога искусниот ас погоди прецизна тројка од врвот на рекетот и официјално им се придружи на Леброн Џејмс, Карим Абдул-Џабар, Карл Мелоун и Коби Брајант како единствени играчи кои ја минале оваа магична граница.
33,000 points & counting 🔢@KDTrey5 | @NBA https://t.co/nrKCJI3H0X
— Houston Rockets (@HoustonRockets) November 26, 2026
Коби Брајант е следната цел во импресивната 20. сезона
Дјурант го заврши натпреварот со 20 поени и 10 скока, со што неговото кариерно конто се искачи на 33.006 поени. Откако минатата сезона го мина Мајкл Џордан за петтото место на вечната листа на стрелци, пред него веќе се наѕира нов голем подвиг, бидејќи го делат само 637 поени од четвртопласираниот Коби Брајант.
Дека и во својата 20. НБА сезона игра со неверојатна леснотија потврдуваат и неговите бројки. Претходно во тековната кампања Дјурант го престигна Шекил О’Нил за седмото место на вечната листа по број на погодени шутеви од игра, а сезонава бележи просек од 21,6 поени, 5,4 скока и 3,8 асистенции по натпревар, со одлична реализација од 51 процент од поле и 42,3 проценти за три поени.
Целиот преглед од вчерашната ноќ, можете да го прочитате тука:






