Петто издание на адреналискиот настан “Lake Ohrid SUP crossing” во Охрид!

 

Објавено:

Во организација на “Paddle Klub”, овој викенд во Охрид по петти пат ќе се одржи настанот “Lake Ohrid SUP crossing” во кој учесниците ќе можат да се запознаат со убавините на Охридското езеро преку несекојдневен начин, поминувајќи го целото со SUP даски.

Охрид може да понуди незаборавни искуства за љубителите на активен одмор, а токму овој настан е еден од оние кои додаваат на квалитетот на спортската понуда во градот кој е заштитен како културно и природно светско наследство од УНЕСКО.

Организаторите од “Paddle Klub” годинава го збогатија форматот со нова категорија “Техничка трка”, која ќе се одржи на 19 јули, а добро познатите 23-километарска трка и 26-километарската авантура ќе се возат на 20 јули.

Новитетот во програмата е наменет за поискусните SUP натпреварувачи. Техничката трка е динамична, со остри свиоци и прецизна навигација, каде секое движење има значење.

За оние што бараат натпревар и личен предизвик, тука е класичната “Трка на долга далечина” со 23 километри чиста издржливост, мотивација и техничка прецизност. Во машка конкуренција рекордот го држи Лука Козар од Словенија со време од 2 часа 29 минути и 52 секунди, а кај дамите, уште поимпресивна е приказната на тогаш 14 годишната Лена Новак од Полска, која ја заврши трката за 2 часа 41 минута и 49 секунди.

Категоријата што секогаш е најбрзо пополнета “SUP Adventure” е наменета за рекреативци кои сакаат да го почувствуваат духот на трката без натпреварувачки притисок. Веслање низ највпечатливите предели на јужниот дел од Охридското Езеро, со паузи, дружење и многу насмевки. Турата трае 6 до 8 часа и е ограничена на 100 учесници.

Учесниците на двете големи трки ќе поминат покрај некои од најубавите села на охридскиот брег: Љубаништа, Трпејца, Градиште, Пештани, Елшани, Лагадин и Коњско, со завршница во срцето на градот Охрид.

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено