Фудбалска Португалија и клубот Порто се во жалост – на 53 години почина Жорге Кошта, легендарниот капитен на тимот што во 2004 година ја освои Лигата на шампионите под водство на Жозе Мурињо.
Поранешниот стопер беше симбол на клубот, играч со вродено лидерство и бескомпромисна одбрана. За Порто има одиграно 324 натпревари, освоени 24 трофеи, меѓу кои и ЛШ, УЕФА Купот и дури осум титули во португалската лига. Настапи и за репрезентацијата на Португалија 50 пати, а дел од кариерата мина и во Англија, со 26 настапи за Чарлтон во сезоната 2001/02.
По крајот на играчката кариера во 2006, Кошта работеше како тренер на дури 16 клуба низ целиот свет, а минатата сезона се врати во Порто како директор за професионален фудбал.

“Жорге Кошта беше сè што Порто претставува – посветеност, лидерство, страст и незапирлив дух на освојување. Засекогаш ќе остане дел од нашата историја”, објави клубот.
Емотивен беше и Жозе Мурињо, сега тренер на Фенербахче, кој едвај ги задржа солзите на прес-конференцијата пред дуелот со Феенорд во квалификациите за ЛШ.
“Ако сега можеше да ми зборува, ќе ми речеше: ‘Мистер, држи ја прес-конференцијата, играј го мечот утре и победи – заборави на мене’. Ќе се обидам да ја завршам работата денес и утре… а потоа ќе плачам”, изјави Мурињо.
Jorge Costa (1971 -♾) pic.twitter.com/UXLMeXaxTb
— FC Porto (@FCPorto) August 5, 2025
Играчи од златната генерација на Порто се простија од “Бичо”:
Деко: “Капитен легенда. Вистински симбол на Порто. Ми беше чест да ги делиме трофеите и радостите. Засекогаш во нашите срца”.
Пепе: “Никогаш нема да биде заборавен. Почивај во мир, Жорже”.
Алан Кербишли, поранешен тренер на Чарлтон: “Имаше присуство што не можеше да се игнорира. Сите го почитуваа”.
Кошта ја почна тренерската кариера во Брага, а подоцна работеше во Романија, Кипар, Тунис, Индија и Габон. Клубот Брага исто така се прости со својот поранешен тренер, истакнувајќи дека неговата смрт ја потресе целата спортска заедница.




