Марк Маркез го започна Австриското Гран При со доминација на двата тренинга во петокот, тренд кој веќе стана застрашувачки познат. Но, неговата потрага по прва победа на Ред Бул Ринг може повторно да биде спречена од ривалите.
Додека падокот во МотоГП се враќа на патеките по летната пауза, околу Ред Бул Ринг владее чувство на рутина. На прес-конференцијата во четвртокот, Марк Маркез беше запрашан дали може да ја освои својата седма титула во премиерната класа уште на Гран Прито на Сан Марино. Неговиот одговор беше јасен: “Невозможно”. Иако математички е можно, шансите се минимални, освен ако неговите најблиски ривали не доживеат апсолутен кошмар на неколку трки.
Фактот дека такво сценарио воопшто се разгледува, доволно зборува за доминацијата на Маркез во 2025 година. По 12 рунди, возачот на фабричкиот Дукати има осум Гран При победи и 11 спринта, со што води во шампионатот со 120 поени. Тој во просек освојува 31,75 поени по коло, што е скоро 90% од вкупниот можен резултат. Неговата предност е толку голема, што дури и самиот тој, по Гран Прито на Чешка, призна дека сега од него зависи дали ќе го изгуби првенството.
По 105 минути тренинг во петокот, резултатите ја раскажуваат веќе познатата приказна. Маркез беше убедливо најбрз и го заврши денот како прв со предност од околу 0,250 секунди. Иако Ред Бул Ринг е една од ретките патеки каде што сè уште нема победено, се чини дека оваа година е најдобрата шанса да ја промени таа приказна. Но, и покрај неговото темпо, пораз од ривал на Дукати е повторно многу можен.
Бањаја подготвен да возврати?
Доколку сезоната се одвиваше како што се очекуваше, Пеко Бањаја би бил главен фаворит во Австрија, со оглед на неговите три последователни победи на оваа патека. Неговиот стил на силно сопирање совршено одговара на Ред Бул Ринг. За жал, токму овој стил не му одговараше на моторот ГП25 досега. Во четвртокот, Бањаја призна дека проблемот е во него, но беше охрабрен од тоа што “не најде ништо споредливо” во неговото возење сега во споредба со последните две години.
Тој смета дека задолжителните дискови за сопирачки од 355 мм ќе му помогнат во Австрија. “Многу сум позитивен за она што го почувствував денес, во однос на сопирањето”, рече тој. “Можев да бидам многу конкурентен во зоните за сопирање. Среќен сум. Ова е првпат да го почувствувам ова чувство со предниот дел оваа сезона”.
Иако и Маркез и Бањаја покажаа силно тркачко темпо, Бањаја беше минимално побрз. Неговиот просечен ритам беше 1:29.689, наспроти 1:29.737 на Маркез. Тоа сугерира дека Бањаја е сериозна закана.
Маркез е свесен за тоа: “Пеко отсекогаш бил супер силен овде. Тој победи тука последните две години на многу добар начин. Денес исто така беше супер добар со тркачкото темпо – можеби најсилниот. Пеко е двократен светски шампион и ова е една од неговите патеки”.
Новата електроника и КТМ како “црн коњ”
За КТМ, домашното Гран При секогаш носи голем притисок, но оваа година тимот изгледа подготвен да се носи со тоа. Со нови надградби на моторот, како нов издув и аеро-оклоп, нивните возачи покажаа ветувачки резултати. Педро Акоста, кој освои двоен подиум во Брно, беше втор најбрз во петокот и покажа солидно тркачко темпо.
Акоста е охрабрен од подобрувањата на моторот: “Ги пробав веќе на тестот во Арагон и ги барав во последните четири трки да ги донесат бидејќи беа супер одлични и тоа токму во точката што ни требаше”. Тој е внимателен, но оптимист: “Нема очекувања за утре, обично Дукати се будат во саботите”.
Максималната брзина на КТМ е исто така огромна предност на Ред Бул Ринг, со врвна брзина од 315,7 км/ч. Бањаја, пак, претпоставува дека новата контрола на стабилноста во софтверот на ECU можеби им помогнала на КТМ да ја намалат разликата.
Со оглед на сите овие фактори, овој викенд би можел да биде еден од најнеизвесните досега. Дали Маркез конечно ќе успее да ја скрши клетвата на Ред Бул Ринг или пак некој од ривалите на Дукати или дури и КТМ ќе го спречи во таа намера? Ќе дознаеме многу набрзо.
Гостинска статија на Марија Петровска