13.8 C
Skopje

Пелистер влегува претпазливо во денешниот дуел со Брера

Објавено:

Откако битолскиот клуб изгуби во дербито на Градски против Вардар за отворање на новата сезона во Првата македонска фудбалска лига, сега тие влегуваат претпазливо во претстојниот денешен натпревар на гостувањето во Струмица против Брера.

Иако во првото полувреме против Вардар, Пелистерци одиграа рамноправно, сепак невниманието на крајот на првото полувреме ги чинеше резултатска негатива на полувремето, а на стартот на второто повторно примија гол за конечен пораз од 2:0.

“Резултатите од првото коло покажаа дека екипите кои играле во евро куповите се во извесна предност поради порано започнатите подготовки и подигнатата играчка форма. Вардар е една од нив и благодарение на тоа имаше поуспешна реализација, која се случи во критични моменти како судиско надополнување во првото полувреме и старт на вториот дел. Ние не ги искористивме нашите шанси, немавме завршница во транзициите, во спротивно можевме да му дадеме друг тек на дербито, кое мислам дека не ја разочара публиката”, вели тренерот на битолскиот клуб, Димитар Капинковски.

Пелистер и во второто коло оди на гостински терен, овој пат во Струмица. Иако Брера изгуби со неверојатни 5:0 на гостувањето против Силекс во првото коло, сепак тренерот на Битолчани е претпазлив во очекувањата од гостувањето.

Извор: https://www.ffm.mk

“Ждрепката сакаше во првите четири натпревари три пати да играме како гости. Брера исто како нас имаше дуел во кој играше со противник што отскокнува со својата форма, па резултатот сигурно не е одраз на вистинскиот капацитет на Струмичани. Тие беа рамноправен противник сè до моментот кога останаа без еден играч, а потоа паднаа во финишот. Мислам дека никој не влегува во овој натпревар како фаворит, па мечот може да биде решен од играч што ќе има свој ден или онаа екипа што ќе има повеќе среќа во реализацијата. Ние ќе пристапиме нормално, како кон секој друг натпревар. Нашата екипа е во создавање, но целта ни е што поскоро да влеземе во играчка форма и да се надигруваме, да освојуваме бодови. Очекувам позитивни резултати што поскоро, па со нетрпение ги исчекуваме и овој натпревар со Брера, но и следниот што ќе го играме под рефлектори на домашен терен со Шкупи”, додаде Капинковски.

Дуелот е закажан за денес во 17 часот, со што ќе се затворат натпреварите од второто коло.

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено