Денес Фудбалската федерација на Македонија ја изгласа одлуката дека сите клубови во втората Македонска фудбалска лига отсега ќе играат без котизација. Овој чекор е значаен за напредокот на клубовите, кои од година во година се мачат сè повеќе со обезбедувањето на финансиите.
“Со оваа одлука правиме значаен чекор напред во создавање подобри услови за работа, финансиско олеснување и унапредување на натпреварувањето”, изјави првиот човек на ФФМ, Масар Омерагиќ.
Со оваа одлука клубовите ќе бидат ослободени од вкупен финансиски товар од 128 илјади евра по сезона, средства што ќе бидат директна поддршка за зајакнување на нивната стабилност.

Клубовите од втората лига за прв пат после речиси 15 години ќе добијат ваква можност во македонскиот фудбал.
Дополнително, имајќи предвид дека ФК Беса 1976 повеќе нема да се натпреварува во сезоната 2025/26, ФФМ донесе одлука испразнетото место да го пополни ФК Преспа. На тој начин, се гарантира заштитата на интегритетот, континуитетот и натпреварувачката рамнотежа, како и доследното почитување на фер-плеј принципите во Втора МФЛ.



