10.8 C
Skopje

Првиот Регионален Спортски Самит во Скопје со поддршка од Министерството за спорт

Објавено:

Се одбројуваат деновите до првиот Регионален Спортски Самит во Скопје, кој ќе се одржи на 10 септември. Спортска Станица е официјален медиумски партнер на настанот, а сите иницијативи кои се во насока на подобрување на спортот во Македонија ќе бидат поддржани од нас.

Денес и Министерството за спорт се вклучи со официјална поддршка на настанот, како официјален покровител на Првиот Регионален Спортски Самит под мотото “Спортот како национален идентитет и визија за иднината”.

Со поддршката на Министерството за спорт, самитот има за цел да создаде конкретни предлози и иницијативи за модернизација на спортската инфраструктура, поголема вклученост на младите, како и развој на одржлив спортски екосистем во државата и регионот.

“Министерството за спорт со особена чест ја прифти поканата да биде покровител на Првиот Регионален Спортски Самит, кој оваа година ќе се одржи во Скопје под силната и инспиративна порака – ‘Спортот како национален идентитет и визија за иднината’. Веруваме дека спортот не е само физичка активност, туку моќен двигател на општествена кохезија, национална гордост и позитивни промени кај младите генерации. Овој самит претставува важен чекор кон создавање нова визија за развојот на спортот во земјата и регионот, преку соработка, размена на искуства и дефинирање на конкретни политики и стратегии. Како институција, остануваме целосно посветени на поддршка на вакви иницијативи кои ја промовираат улогата на спортот во општеството, ја стимулираат иновацијата и инвестициите, и ја поставуваат основата за одржлива спортска иднина. Го поздравуваме овој самит како платформа што обединува идеи, визии и решенија – и ја потврдуваме нашата заложба за долгорочна, стратегиска и суштинска поддршка на спортот во Република Македонија”, изјавија од Министерството.

Програмата на самитот вклучува низа панели, презентации и работилници на теми како што се: Национална спортска стратегија и инвестиции, Иновации и дигитализација во спортот, Младински спорт и развој на спортски таленти, Маркетинг, брендирање и финансирање во спортот, Регионална соработка и добри практики.

Самитот ќе ги обедини претставниците на спортските федерации и клубови, професионални и аматерски спортисти, тренери, претставници на државните институции и локалната самоуправа, приватниот сектор, медиумите, универзитетски професори и студенти, како и гости од меѓународни спортски и бизнис организации регионот.

Преку ваков тип вмрежување и стратешка дебата, самитот има за цел да стане трајна платформа за поврзување на спортските работници со инвеститорите, креаторите на политики и медиумите, како и да ги инспирира новите генерации млади да го препознаат спортот како значајна и вредна насока во нивниот личен и професионален развој.

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено