Чеко и Ботас зборуваа за враќањето во Ф1, во новиот тим на Кадилак

 

Објавено:

Денес конечно и официјално беа претставени Серхио “Чеко” Перез и Валтери Ботас како возачи на новиот тим на Кадилак, кој од идната сезона ќе се приклучи како единаесетти на гридот во Формула 1 натпреварувањата.

Иако веќе одамна се шпекулираше дека токму тие двајца ќе бидат новите шофери на Кадилак, бидејќи во денешно време скоро сите информации протекуваат во јавноста, па ништо не може докрај да нè изненади, сепак постоеше доза на сомнеж со спомнувањето на другите имиња како Другович и Шумахер.

Перез, кој претходно беше втор возач на тимот на Ред Бул, во време кога Макс Верстапен ја освои првата титула, беше натеран да го напушти тимот после една лоша сезона. Но, она што потоа се докажа е дека тој можеби и најдобро се снајде во второто “проколнато” седиште на Ред Бул.

Сега, Чеко ќе има можност повторно да се врати во спортот, а Мексиканецот за таа можност изјави:

“Приклучувањето на тим како Кадилак е многу возбудливо ново поглавје во мојата кариера. Од нашите први разговори, можев да ја почувствувам страста и одлучноста зад овој проект. Голема чест е да бидам дел од градењето на тим кој треба да се развива, а сигурен сум дека со тек на време ќе се бориме на врвот. Кадилак е легендарно име во американскиот моторспорт, па да се помогне на ваква фантастична компанија да влезе во Формула 1 претставува огромна одговорност, но верувам дека ќе можам да помогнам”.

“Горд сум што сум дел од ваков амбициозен и значаен проект уште од самиот почеток. Навистина сум задоволен што сум дел од ваков динамичен шоферски тандем и мислам дека заедно може да го оформиме овој тим во вистински конкурент на патекита. Сметаме на поддршката преку целиот американски континент и сакаме да ги направиме сите горди”, додаде тој.

Сличен одговор имаше и неговиот нов тимски колега, Валтери Ботас. Тој е исто така повратник во Формула 1 како главен возач, откако годинава ја поминува како резервен возач на Мерцедес. Исто како и Перез, и Ботас беше дел од победничката ера на Луис Хамилтон, а во многу наврати токму тој му помогна во победите на Британецот, благодарение на тимските одлуки.

“Од моментот кога ги започнав разговорите со тимот на Кадилак, почувствував нешто различно – нешто амбициозно, но исто така приземјено. Ова не е само тркачки проект: ова е долгорочна визија”, изјави тој.

“Не се добива секој ден шанса да бидете дел од нешто кое вистински припаѓа на Ф1 гридот. Имав чест да работам со едни од најдобрите тимови во светот и веќе можам да го забележам истиот професионализам и глад за успех и тука. Ова е легендарен бренд со големо наследство во американскиот моторспорт, па да се биде дел од оваа приказна која го започнува својот пат во Формула 1 е неверојатно посебно за мене. Со нетрпение го чекам моментот да го претставувам американскиот тркачки дух на едни од најдобрите светски патеки. Исто така, сакам да им се заблагодарам и на Мерцедес за несебичната поддршка и помошта во овозможувањето на овој возбудлив нов чекор”, додаде Ботас.

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено