11.8 C
Skopje

Милевски и Барди пред Лихтенштајн: “Победата е единствената опција”

Објавено:

Македонската А репрезентација утре (18:00 часот) на Националната арена “Тодор Проески” во Скопје ќе го пречека Лихтенштајн во рамки на квалификациите за Светското првенство. По реми дуелите со Велс и Белгија, “црвено-жолтите” ќе ја бараат првата домашна победа во циклусот и нови три клучни бода.

На официјалната прес-конференција селекторот Благоја Милевски потенцираше дека Македонија е фаворит, но дека тоа мора да се потврди и на теренот.

“Сите играчи се здрави и подготвени. Имаме максимален респект за Лихтенштајн и воопшто нема да биде лесно. Додека сум селектор, никогаш нема да потценам ниту еден противник. Нашата цел е јасна – три бода кои се исклучително важни во моментов. Задоволен сум од изданието на фудбалерите кои дебитираа против Саудиска Арабија. Лука Станковски, Елмин Растодер и Решат Рамадани покажаа квалитет и секако дека ќе сметаме на нив и во натпреварите за бодови”, истакна Милевски.

Извор: https://www.ffm.mk

Капитенот Енис Барди ја нагласи важноста на мечот, но и тежината која ја носи дуелот против “аутсајдерот”.

“Мислам дека ќе имаме тежок натпревар, така беше и во Вадуц додека не го отворивме резултатот. Сите сме свесни што нè очекува, направивме анализа и знаеме што треба да поправиме. Подготвени сме за дуелот, а три бода можат многу да ни значат за да го завршиме овој прозорец на првото место. Секогаш кога играме за Македонија мотив не е потребен – победата е нашата единствена цел”, изјави Барди.

По победата во Вадуц со 0:3, ова ќе биде втор дуел со Лихтенштајн во групата. Македонија има шанса да ја израдува домашната публика и да остане во трката за врвот на табелата.

Извор: https://www.facebook.com/ffm.mk

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено