11.8 C
Skopje

Македонија Ѓорче Петров ќе бара победа на домашен терен против Брера

Објавено:

Откако фудбалерите на Македонија Ѓорче Петров ја стартуваа сезоната во Првата македонска фудбалска лига против можеби едни од најголемите фаворити, тие сепак покажаа дека се подготвени да се борат за поените.

Тие денес ќе ја пречекаат екипата на Брера на домашен терен, а веруваат дека токму од овој дуел ќе ги извлечат трите бодови.

Струмичани не ја започнаа сезоната на посакуваното ниво, а токму во нивните проблеми на резултатски и играчки план, “лавовите” ја гледаат својата шанса за победа.

“Првенството е на самиот почеток и има уште многу за играње. Можеби досега резултатски не направивме голем успех, но играта, а пред сè тимскиот дух, од натпревар во натпревар се движи во нагорна линија. Имаме еден од поквалитетните ростери во лигата и убеден сум дека допрва доаѓа најдоброто од Македонија Ѓ.П. оваа сезона”, вели голманот на “лавовите” Ристе Јанков.

“Со Вардар одигравме одличен меч. И покрај тоа што игравме против еден од најквалитетните тимови во лигата, покажавме дека Македонија Ѓ.П. во ниту еден момент не отстапува од своите принципи, да игра офанзивен, модерен фудбал. Впрочем, Прва МФЛ е интересна токму затоа што секој може да победи секого. Фаворити постојат само на хартија. Брера е квалитетен противник, но ние имаме ист пристап на секој натпревар, уживање во играта и максимална борба за победа”, додава поранешниот младински репрезентативец на Македонија.

Но, првата победа на Брера во претходното коло претставува мотив за струмичкиот тим да продолжат во ист ритам. Новиот предводник на тимот, Мартин Алаѓозовски, верува дека Брера може да победи и против “лавовите” од Ѓорче Петров.

Извор: https://www.ffm.mk/

“Малку е полесно, мислам дека го добивме она што го заслуживме и на некои претходни натпревари. Триумфот против Шкупи сигурно ќе биде дополнителен мотив за нас да се прикажеме во позитивно светло и на дуелот со Македонија ЃП. Тие се одличен тим, особено добри пред своите гледачи, но ние доаѓаме да се надигруваме и верувам дека можеме да извлечеме поволен резултат”, рече Алаѓозовски.

Натпреварот меѓу Македонија ЃП и АП Брера ќе се одигра денеска од 15:30 часот на стадионот во Ѓорче Петров.

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено