7.8 C
Skopje

Ферари, Нирбургринг и нов предизвик: Верстапен дебитира во ГТ3

Објавено:

- Advertisement -
- Advertisement -

Макс Верстапен е подготвен за нова авантура. Светскиот шампион во Формула 1, на 27 години, овој викенд ќе дебитира во ГТ3 категоријата, и тоа на легендарната патека Нирбургринг Нордшлајфе. Токму таму, на 27 септември, во рамките на НЛС серијата (Nürburgring Langstrecken-Serie), ќе се вози четиричасовна трка на издржливост со повеќе од сто автомобили.

Верстапен ќе седне зад воланот на Ferrari 296 GT3 во боите на “Verstappen.com Racing x Red Bull”, тим што ќе го води швајцарската екипа Емил Фреј Рејсинг. Кокпитот ќе го дели со 22-годишниот Британец Крис Лулхам, веќе докажан во “GT World Challenge Europe”.

“Ова е моја страст”, вели Макс. “Не можам да дочекам. Секое возење на Нордшлајфе е уникатно искуство. Атмосферата е феноменална, со илјадници љубители на издржливи трки. Ова е моето хоби, нешто што сакам да правам надвор од Формула 1. Еден ден сакам да бидам дел и од 24-часовната трка тука”.

Макс не ја крие љубовта кон оваа легендарна патека. Со 24,3 километри должина и бескрајни свиоци, Нордшлајфе со право е позната како “Зелен пекол”. Верстапен има поминато илјадници виртуелни кругови на својот симулатор, а сега конечно ќе ја почувствува патеката во вистинска трка.

Подготовките започнаа уште во мај, кога тајно тестираше со Ferrari 296 GT3 под псевдонимот “Франц Херман”. Две недели претходно ја доби и специјалната “DMSB Permit Nordschleife”, лиценца што му овозможува настап во ГТ3 трки на оваа патека.

Сега е време за вистинскиот деби момент. Верстапен и Нордшлајфе – комбинација што ветува спектакл и ново поглавје во неговата тркачка приказна.

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено