Македонската фудбалска репрезентација е пред еден од најголемите предизвици во квалификациите за Светското првенство – утревечер (20:45 ч.) во Гент, гостуваме кај апсолутниот фаворит во групата, моќната Белгија.
Иако влегуваме во овој дуел како лидери на табелата, сите во нашиот табор се свесни за тежината на предизвикот. Сепак, оптимизмот, самодовербата и желбата за нов голем подвиг се присутни кај сите – од селекторот до играчите.
Милевски: “Овие момци се тука за Македонија, продолжуваме да сонуваме”
Селекторот Благоја Милевски на денешната прес-конференција со огромна гордост зборуваше за своите избраници и за сè што постигнаа во изминатиот период.
“Можам да кажам дека сум горд на моите фудбалери, и тоа не само во овие квалификации. Со настапот во Лигата на нации, со овој циклус, со речиси загарантиран плејоф… Тоа е изворот на енергијата што ни е потребна. Белгија има неверојатен ростер и тие се фаворити, но ние продолжуваме да сонуваме. Имаме прекрасни момци, кои секогаш го даваат максимумот и се тука за Македонија”, изјави Милевски.
Трајковски: “Притисокот е врз нив, знаат против кого играат”
Искусниот Александар Трајковски смета дека притисокот е на страната на домаќините и дека Македонија треба да ја искористи својата шанса.
“Белгијците сега знаат против кого играат и ќе имаат поголем респект кон нас. Мислам дека притисокот е врз нив. Ова ќе биде една од поважните средби која може да го реши патот во финишот на циклусот”, изјави Трајковски.
Муслиу и Миовски: “Играме како тим, ќе се бориме за секоја топка”
Дефанзивецот Висар Муслиу, кој одлично го познава белгискиот фудбал, најави бескомпромисна борба.
“Ќе дадеме сè од себе, тоа е најмалку што можеме да направиме за Македонија. Со максимална посветеност и борба за секоја топка, веруваме дека можеме да ја оствариме нашата цел”, изјави Муслиу.
Напаѓачот Бојан Миовски ја истакна силата на нашиот колектив.
“Белгија е топ репрезентација, 90% од нивните играчи играат во топ пет лигите. Но, ние играме како тим, и тоа го докажавме досега”, додаде напаѓачот на Ренџерс.
Правдата на натпреварот во Гент ќе ја дели турскиот судиски тим, предводен од искусниот Халил Умут Мелер.
На крајот, иако Белгија е огромен фаворит, нашите репрезентативци покажаа дека знаат како да се носат со најголемите. Останува да видиме дали утревечер ќе бидеме сведоци на уште една историска ноќ за македонскиот фудбал.