19.8 C
Skopje

(Видео) “Иди му, не знае!”: Може ли Македонија да ја повтори магијата од 1994 против Белгија?

Објавено:

- Advertisement -
- Advertisement -

Фудбалска Македонија вечерва повторно сонува. Нашата репрезентација, како лидер во групата, ѝ гостува на моќната Белгија во Гент, во натпревар кој може да биде клучен за пласман на Светското првенство. Но, ова не е само обичен натпревар. Ова е дуел кој ги буди сеќавањата на една легендарна ноќ, на еден од најголемите резултати во историјата на нашиот фудбал.

Пред точно 31 година, на 16 ноември 1994, Македонија одигра херојски 1:1 во Брисел против истата таа Белгија, која само неколку месеци претходно играше осминафинале на Светското првенство во САД.

Фудбалска романтика: Кога Прудом не знаеше каде е, а Бошковски стана херој

Тоа беше натпревар за паметење. Белгија, предводена од селекторот Пол Ван Химст и ѕвездите како напаѓачите Марк Дегриз и Лук Нилис, важеше за апсолутен фаворит. На голот го имаа и Мишел Прудом, кој тогаш важеше за еден од подобрите голмани во фудбалска Европа. Белгија поведе со голот на Верхејен, но тогаш се случи моментот кој е врежан во меморијата на секој македонски навивач.

Во 53-тата минута, Вујадин Станојковиќ упати центаршут, по што следуваше голема грешка на голманот Мишел Прудом. Тој не успеа да ја скроти топката, а на вистинското место се најде Зоран Бошковски “Чоко”, кој ја искористи шансата и погоди за израмнување. Легендарниот коментаторски извик “Иди му, не знае!” стана синоним за овој гол и за храброста на таа генерација, предводена од легендарниот Андон Дончевски и играчи од калиброт на Ѓуровски, Најдоски, Стојковски…

Потсетете се на легендарниот момент и голот на Чоко Бошковски:

 

Вечерва, нова генерација, иста цел

31 година подоцна, на сцената е нова генерација. Вечерва, во Гент, избраниците на Благоја Милевски ќе се обидат да го повторат успехот на своите претходници. Задачата е пеколно тешка. Белгија е осма на ФИФА-листата и напаѓа со сите свои ѕвезди.

Но, како што изјавија и нашите репрезентативци, Македонија влегува во овој дуел без страв и со огромна самодоверба, како лидер на табелата.
“Ќе се бориме за секоја топка, тоа е најмалку што можеме да направиме за Македонија”, изјави Висар Муслиу.

“Ние играме како тим, и тоа го докажавме досега”, додаде Бојан Миовски.

Вечерва, со почеток во 20:45 часот, цела Македонија ќе навива за уште една историска ноќ.

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено