14.8 C
Skopje

Голем во поразот: Ѓоковиќ со поракa за Вашеро: “Победи подобриот!”

Објавено:

- Advertisement -
- Advertisement -

Денес на Мастерс турнирот во Шангај, српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ изгуби во полуфиналето од тенисерот кој пристигна на турнирот преку квалификациите, Валентин Вашеро. Сепак, како вистински господин во спортот, тој не сакаше да го препише поразот на повредата со која се здоби во првиот сет, давајќи му ја целата заслуга за победата на својот ривал.

“Сакам да му честитам на Валентин за првото негово Мастерс финале. Да дојдете од квалификациите и да стигнете до финале… тоа е неверојатна приказна. Му кажав и нему на мрежата дека одигра одличен турнир, но повеќе од тоа неговиот став е многу добар, а неговата игра е исто така неверојатна. Така што, денес беше целосно за него. Му посакувам среќа во финалето, денес победи подобриот играч”, рече Новак на прес-конференцијата за новинарите после настапот во полуфиналето на турнирот.

Извор: https://x.com/TheTennisLetter/

На прашањето дали може да зборува за неговата физичка состојба на теренот, тој само кратко одговори: “Не. Следното прашање ќе ве молам”.

Двајцата тенисери имаа и целосна почит еден за друг на теренот, а Ѓоковиќ прв му ја честиташе победата уште на мрежата: “Го заслужи ова. Одигра навистина неверојатно. Само продолжи така!”, на што тенисерот од Монако му врати: “Вистинско задоволство е што играв барем еднаш со тебе. Не се пензионирај”.

И покрај победата, Вашеро остана скромен и во неверување дека успеал да го победи еден од најлегендарните тенисери.

“Само да бидам на другата страна од теренот со Новак беше неверојатно искуство за мене. Добив шанса да научам толку многу работи од овој меч, од него… Дури и од себе си, мислам дека имам уште многу да понудам”, изјави тој во интервјуто по победата и влезот во неговото прво финале на еден АТП Мастерс 1000 турнир.

За да сфатите само колку е неверојатна неговата приказна, тој со настапот на турнирот во Шангај се искачи на АТП листата на 58-то место во моментов, што е неверојатен скок од дури 146 места од претходното рангирање. А, она што е уште поневеројатно е дека тој со победата над Ѓоковиќ и влезот во финалето ќе заработи 597,000 долари, што е повеќе од вкупно 594,077 долари кои досега ги има освоено на сите турнири во неговата кариера.

Во финалето во Шангај тој ќе се сретне со неговиот братучед, Артур Риндеркнеч, кој исто така ќе игра на финале на Мастерс 1000 турнир за прв пат во неговата кариера. Погледнете го патот на двајцата братучеди до финалето.

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено