Иако фокусот во моментов е на завршницата од квалификациите за Светското првенство, УЕФА веќе ги подготвува темелите за следното големо натпреварување: петтото издание на Лигата на нации, кое ќе се одигра есента 2026 година.
По освојувањето на првото место во Лигата Ц во претходното издание, македонската репрезентација обезбеди пласман во поквалитетниот ранг, Лига Б, каде што нè очекуваат далеку посилни и поатрактивни противници. Познати се и шеширите за ждрепката, која ќе се одржи на почетокот на 2026 година.
Македонија во последниот шешир, избегнати се Шведска и Косово
Македонија ќе биде извлечена од четвртиот (последен) шешир во рамките на Лигата Б, заедно со репрезентациите на Шведска, Северна Ирска и Косово. Ова значи дека со овие три селекции сигурно нема да се сретнеме во групната фаза.
Кои се можните противници? Од Шкотска и Унгарија до Словенија и Грузија
Патот во Лигата Б ќе биде исклучително тежок, а потенцијалните противници се доказ за тоа. Од секој шешир ќе добиеме по еден ривал:
- ПОТ 1: Шкотска, Унгарија, Полска, Израел
- ПОТ 2: Швајцарија, Босна и Херцеговина, Австрија, Украина
- ПОТ 3: Словенија, Грузија, Република Ирска, Романија

Една можна “балканска” група, на пример, би можела да нè спои со Унгарија, Босна и Херцеговина и Словенија, додека една “островска” варијanta би можела да ни ги донесе Шкотска и Република Ирска. Во секој случај, јасно е дека нè очекуваат шест силни и неизвесни натпревари.
Нов формат и пат до ЕУРО 2028
Новото издание на Лигата на нации носи и променет формат. Првопласираните репрезентации од групите во Лига Б ќе обезбедат директна промоција во елитната Лига А, додека второпласираните ќе играат бараж за промоција против третопласираните од Лига А.
Најважно од сè, Лигата на нации повторно ќе нуди втора шанса за пласман на големо натпреварување, во овој случај Европското првенство во 2028 година. Најдобро пласираните репрезентации кои нема да обезбедат пласман преку редовните квалификации, ќе добијат место во баражот.



