Веќе ви најавивме дека ќе напишеме мини-серија со дресовите на сите репрезентации кои ќе играат на Светското првенство во 2026 година, а бидејќи Адидас веќе ги објавија оние зад кои стои нивниот потпис, серијалот го започнуваме со еден од оние кои не само што изгледаат најдобро, туку носат во себе и многу историја за една врска која се сметаше дека ќе биде нераскинлива.
Новиот дрес за Светското првенство во 2026 година е токму тоа – носталгичен омаж на култниот дизајн од доцните 80-ти и раните 90-ти, со геометриските шари на Bundesflagge (германското знаме) кои се спуштаат од рамената.
Изгледа моќно, но има горчлив вкус. Ова е „Последниот танц“.
Ова е последниот дрес што Адидас ќе го дизајнира за „Die Mannschaft“ пред Најк да ја преземе соработката во 2027 година. Веста, која беше објавена претходно оваа година, го потресе фудбалскиот свет и предизвика шок во Германија. Партнерството долго 70 години, кое се сметаше за дел од националниот идентитет – завршува.
А, Адидас и тоа како испорачаа со дизајнот за збогум. Дресот изгледа фантастично, моќно и носталгично. Симболично или не, дизајнот претставува сè она што ја претставуваше нивната врска низ годините. И додека кај другите репрезентации нема емотивна нота менувањето на спортскиот бренд, во овој случај и тоа како е важна конекцијата меѓу германскиот бренд и фудбалската репрезентација. Адидас и Германија. Германија и Адидас. До сега, тоа беше едно.
Зошто се случува „предавството“?
Одговорот, како и секогаш во модерниот фудбал, е едноставен: пари.
Германската фудбалска федерација (ДФБ) објави дека Најк ќе биде нивен нов снабдувач од 2027 до 2034 година. Според германските медиуми, договорот со Најк вреди неверојатни 100 милиони евра годишно.
Оваа сума е буквално двојно поголема од онаа што Адидас моментално ја плаќа, која се проценува на околу 50 милиони евра годишно.
ДФБ, која пријави загуба од 4.2 милиони евра во 2022 година, ја одбра финансиската стабилност. Претседателот на ДФБ, Бернд Нојендорф, изјави дека партнерството „ќе му овозможи на ДФБ да ги исполни централните функции со цел сеопфатен развој на фудбалот во Германија во следната деценија“, посочувајќи на потребата од финансирање на аматерскиот и младинскиот фудбал.
„Не можам да го замислам дресот без трите линии“
Реакцијата во Германија беше жестока. Ова не беше само деловен договор; се сметаше за губење на дел од наследството.
Најгласен беше германскиот вице-канцелар, Роберт Хабек: „Едвај можам да го замислам германскиот дрес без трите линии. Адидас и црно-црвено-златното секогаш беа заедно за мене, дел од германскиот идентитет. Ќе посакав малку повеќе локален патриотизам“.
Дури и извршниот директор на Адидас, Бјорн Гулден, потврди дека едноставно немале намера да ја платат таа сума. „Цената што се истакнува… не е нешто што ние ќе го платиме“, изјави тој, ставајќи јасно до знаење дека Адидас одлучил да не ја израмни понудата на Најк.
Врска поголема од спонзорство
Иако партнерството трае повеќе од 70 години, интересно е што тоа не било секогаш ексклузивно. Германија ги освои четирите Светски првенства (1954, 1974, 1990, 2014) и три Европски првенства носејќи ги трите линии, но со неколку историски фусноти.
На легендарното СП во 1954 година, тимот носел дресови од брендот Леузела (иако носеле копачки и тренерки од Адидас). На СП 1966 и 1970, Германија носела дресови на Амбро.
Целосната доминација на Адидас започнува од 1972 година и оттогаш тие станаа синоним за германскиот фудбал, произведувајќи некои од најлегендарните дресови во историјата:
СП 1974: Првата голема титула на домашен терен со Франц Бекенбауер и Герд Милер. (Технички, дресот бил произведен од Ерима, која во тоа време била подружница на Адидас).

1988-1990 (Домашен): Веројатно најпознатиот дрес на сите времиња. Бесмртниот Bundesflagge дизајн со кој го освоија СП 1990.
1988-1990 (Гостински): Иконскиот зелен дрес, кој се смета за еден од најубавите гостински дресови во историјата.

СП 1994: Дијамантскиот дезен кој ја дефинираше естетиката на 90-тите.
Светското првенство во 2026 година ќе биде последното поглавје во оваа неверојатна спортска приказна.
Следете нè: Facebook | Instagram | X



