Нешто повеќе од две недели, поточно две недели и два дена, Македонија ќе излезе на мегдан со силната Данска во обид да дојде чекор поблиску до остварување на сонот не само на фудбалерите, туку на целата нација – сонот за Македонија на Светско првенство.
И иако ние сметаме дека целиот фокус требаше да биде насочен кон овој дуел уште од објавувањето на ждрепката, некако тивко поминуваа деновите и месеците и еве сме сега, на две недели до дуелот, и повторно штама… Никаква еуфорија, никаква надеж дека стручниот тим на чело со новиот селектор Гоце Седлоски работи на остварување на овој сон, никаков абер што се случува…
Можеби ние сме мал медиум (сè уште) за ФФМ да нè информира директно за подготовките зад сцената (доколку постои нешто такво), но ниту во поголемите медиуми, телевизии и радија нема никаква информација дека нешто конкретно се подготвуваме за овој дуел. Дуелот што треба да е голема шанса за остварување на сонот пред сè на навивачите, на фудбалерите, а дури таму некаде на крај на листата и на челниците на ФФМ.
Ако се вратиме наназад на претходниот дуел во баражот за Светското првенство со Италија, ќе се сетиме како сите љубители на фудбалот, сите оние кои вистински веруваа дека можеме, веќе наоѓаа начини да стигнат до далечното Палермо. Од комбинации на авио-летови, автомобили, возови… секој наоѓаше начин да стигне до југот на Италија со една единствена цел – да верува дека можеме. И навистина, тој ден на гостинската трибина ќе остане запаметен како ден кога се случи вистинска магија… Кога далеку помалкубројните македонски навивачи со песна од првата до последната минута ги „надвикаа“ Италијаните и им дадоа крилја на нашите момци за важната победа.
Ние тој ден бевме на трибините, знаеме како стигнаа поголемиот дел од верните навивачи таму, секој на своја сметка, секој на свој начин… И знаеме дека сега кај поголемиот дел од нив нема никаква желба и еуфорија да се стигне до далеку подостапната Данска. И се запрашавме зошто, па оттаму и тргна потребата да се напише ова парче текст.
Зошто кога условно кажано сега имаме полесен противник и пат до Светското првенство од што имавме тогаш преку моќните Италија и Португалија навивачите не зборуваат како да се стигне до Данска? Зошто во момент кога ако ја погледнеме реалната слика нашите фудбалери се во можеби најдобра форма од што биле во последните години, кога имаат минутажи во своите клубови, кога Елмас е во животна форма, Растодер растура и сите имаат клубови, се чувствуваме како веќе сите да сме кренале раце предвреме од дуелот?
Каде е онаа позната македонска надеж дека можеме? Каде е вербата, каде е љубовта кон спортот?
Новиот селектор Гоце Седлоски си е максимално фокусиран на Вардар и борбата за титула во домашната лига, неговиот помошник си е фокусиран на успехот на Тиквеш… А, кој е фокусиран на Македонија? Изгледа никој…

Промената на селекторското место беше најавувана како промена да се внесе нова енергија во тимот кој го создаде Боби Милевски… Одлуката да не се продолжи договорот со селекторот кој обезбеди два баража за Светско првенство беше заснована на изговорот дека „почнала да опаѓа атмосферата во репрезентацијата и потребна е свежа, борбена енергија“. Иронијата е што енергијата околу репрезентацијата никогаш не била на пониско ниво.
Јавноста има чувство дека противникот ниту се анализира, ниту тактички се прават стратегии како да се надмудри, победи… На две недели пред толку важен натпревар, требаше да бидеме „бомбардирани“ од сите страни за сите чекори, да ја „храниме“ навивачката атмосфера и да натераме што поголем број на македонски навивачи со вистинска страст да пристигнат на Паркен арената.
Ние откако ја отворивме Спортска Станица се залагаме постојано да шириме позитивна атмосфера, да им даваме ветер во грб на нашите спортисти и да ги инспирираме навивачите на бидат на трибини. Но, овој пат навистина се чувствуваме како АПОСОЛУТНО НИШТО да не се случува во поглед на баражот за Светското првенство. Па, нека ова биде апел до ФФМ, до Гоце Седлоски и останатиот стручен штаб, ако не е проблем, да нè известат нас како навивачи, како љубители на фудбалот, а потоа и како медиум, до каде сме со подготовките за Данска?
Имаме ли план? Има ли новиот селектор нешто „смислено“? Има ли нешто анализирано за слабостите на противникот? Или барем јавно да си признаеме дека сме откажани од баражите и барем да не се обидуваме да создаваме лажна надеж кај оние кои вистински и со чиста љубов го сакаат спортот и ја сакаат македонската репрезентација.
Во секој случај, НИЕ секогаш ќе веруваме дека момците ќе излезат со срце на терен за Македонија, секогаш ќе веруваме дека можеме, секогаш ќе веруваме дека заслужуваме…



