Легендарниот шпански возач и двократен светски шампион, Фернандо Алонсо, за првпат јасно навести дека неговата кариера во Формула 1 ќе продолжи и по завршувањето на оваа натпреварувачка година. Иако неговиот договор со Астон Мартин истекува на крајот на сезоната, 44-годишниот ветеран порача дека се чувствува подготвен за нови предизвици.
За време на „Историското Гранд При“ во Монако, Алонсо во интервју за официјалниот канал на настанот призна дека страста за тркањето е сè уште присутна како и првиот ден.

Тркањето е неговиот живот
Алонсо, кој моментално ја вози својата 23-та сезона во Ф1, истакна дека одлуката за повлекување ќе биде најтешката во неговиот живот.
„Го сакам тоа што го работам. Ја сакам трката. Првпат седнав во болид на три години, а сега имам 44 – тоа значи дека 41 година од мојот живот сум зад волан. Моментот кога ќе морам да престанам ќе биде многу тешка одлука за прифаќање. Сè уште не чувствувам дека е дојдено тоа време. Се чувствувам конкурентен, мотивиран и среќен додека возам“, изјави Алонсо.
Проблематичен почеток за Астон Мартин и Хонда
Овие изјави на Алонсо доаѓаат во период кога неговиот тим, Астон Мартин, се соочува со сериозни проблеми. Иако очекувањата беа огромни поради партнерството со Хонда и доаѓањето на дизајнерскиот гениј Адријан Њуи, почетокот на 2026 година е разочарувачки. Болидот страда од слаби перформанси и лоша сигурност.
Хонда е под жесток удар на критики поради вибрациите на моторот кои предизвикуваат дефекти и голема непријатност за возачите. Сепак, анализата покажа дека повеќе од половина од заостанувањето се должи на шасијата. Њуи објасни дека тимот доцни четири месеци со истражување и развој поради проблеми со воздушниот тунел, но е уверен дека јазот може да се премости во текот на сезоната.
Спасување на честа во 2027?
За Алонсо, кој има 32 победи во кариерата, би било исклучително тешко да се збогува со спортот по една вака лоша сезона. Тој се надева дека Хонда ќе ги искористи правилата за дополнителен развој (ADUO) за да ги стигне ривалите, што би му овозможило на Шпанецот достоинствено „последно оро“ во 2027 година.
Од друга страна, Астон Мартин тешко дека ќе најде подобра опција од Фернандо во овој момент, па продолжувањето на соработката изгледа како најлогичен чекор за двете страни.



