Она што требаше да биде најголемата фудбалска забава во историјата, полека се претвора во геополитички кошмар. Додека светот се подготвува за Светското првенство во САД, Канада и Мексико ова лето, сè погласни се повиците од Европа за бојкот на турнирот поради контроверзните потези на Администрацијата во Вашингтон.
На помалку од пет месеци до почетокот на Мундијалот (11 јуни), фудбалската топка е во сенка на дипломатските тензии. Ескалацијата на односите помеѓу САД и европските сојузници, особено по прашањето за Гренланд, како и загрижувачката внатрешна политика кон мигрантите, го запалија црвениот аларм кај фудбалските федерации.

Европа се прашува: „Дали е безбедно?“
Иницијалната каписла ја запали Марк Пит, поранешен шеф за реформи во ФИФА, кој во интервју за швајцарски весник испрати морничава порака: „Држете се подалеку од САД!“. Неговиот став беше поддржан дури и од поранешниот претседател на ФИФА, Сеп Блатер.
Но, загриженоста не е само кај поединците. Потпретседателот на Германската фудбалска федерација, Оке Гетлих, јавно запраша дали е време сериозно да се разгледа бојкот, споредувајќи ја ситуацијата со Олимписките игри во 1980-тите.
„Ако Катар беше премногу политички за сите, дали сега сме целосно аполитични? Животот на еден професионален фудбалер не вреди повеќе од животите на луѓето кои се загрозени“, изјави Гетлих, алудирајќи на неодамнешните трагични настани во Минеаполис каде настрадаа цивили при акции на федералните служби.
Визи, забрани и „ФИФА-политика“
Додека ФИФА и нејзиниот претседател Џани Инфантино одржуваат блиски врски со Белата куќа, дури и доделувајќи „Награда за мир“ на американскиот претседател, реалноста за навивачите е поинаква.
Строгите визни режими веќе ги компликуваат плановите за фановите од земји учеснички како Сенегал, Брегот на Слоновата Коска и Иран. Прашањето е: Каков е тој „Светски куп“ ако дел од светот не е добредојден?
Во Данска и Холандија, јавното мислење се врти против учеството. Петицијата во Холандија веќе брои над 150.000 потписи кои бараат „Лалињата“ да не патуваат преку океанот. Интересно е што евентуалниот бојкот на Данска би можел директно да влијае на Македонија, со оглед на тоа што „црвено-жолтите“ гостуваат токму во Данска во полуфиналето од баражот за пласман на Мундијалот. Сепак, тоа е спортски аспект кој во моментов е во втор план пред сериозноста на глобалната ситуација.
НАШ СТАВ: Светот гори, а ние сакаме само фудбал… но по која цена?
Како спортски медиум од Македонија, земја која добро знае што значи политиката да се меша во спортот и идентитетот, ја следиме оваа ситуација со огромна загриженост.
Ние сме пацифисти. Ние живееме за фудбалот. Сакаме да ги гледаме најдобрите, сакаме да навиваме, сакаме спортот да биде мостот што ги поврзува народите кога политиката ги руши. Но, тешко е да се замижи пред страдањето и агресијата, без разлика од која страна на компасот доаѓаат.
Ние го осудуваме секој чин што ја загрозува безбедноста на луѓето и го користи спортот како алатка за „перење“ на политички одлуки. Ако фудбалот навистина е „повеќе од игра“, тогаш тој мора да има и совест. Се надеваме дека разумот ќе превладее, но стравот дека Мундијалот 2026 ќе биде запаметен по поделби наместо по голови, е пореален од кога било.



