Анализа: Фудбалска трагедија во 6 чина! Словенија нè декласира, Седлоски продава магла со „Луксембург“

 

Објавено:

Агонија. Тоа е единствениот збор кој прецизно ја опишува моменталната состојба на македонската фудбалска репрезентација. По поразот од 2-0 на гостувањето кај Словенија на „Стожице“, Македонија официјално врза неверојатни шест натпревари (цели 540 регуларни минути плус судиски продолженија) без постигнат погодок. За споредба, дури и во оној фамозен, трагичен пораз од 7-1 од Велс во минатото, ние сепак постигнавме гол. Денес, под водство на селектор кој слепо „верува во неговата идеја“, ние сме целосно импотентни на теренот.

Словенија во криза? Ние сме тука да им ја вратиме самодовербата!

Ако ја анализираме самата игра во Љубљана, работите стануваат уште потрагични. Словенија, предводена од Боштјан Цесар, воопшто не блескаше. Всушност, вака слабо издание на словенечката селекција не сме виделе одамна. Во минатото сме победувале многу посилни нивни генерации, а овој пат тие влегоа во мечот со само една победа во последните 11 натпревари.

Но, наместо да ја искористиме нивната криза, ние им послуживме како идеален спаринг-партнер за враќање на самодовербата. Домаќините ја имаа иницијативата уште од стартот кога Жан Випотник ја погоди пречката во втората минута. Нашата единствена конкретна закана во првиот дел беше Агон Елези, кој во шестата минута биеше опасно, но Јака Бијол навремено блокираше, а Елези се обиде уште еднаш во 26. минута без успех.

Nokian Tyres – Цела зима во ваш ритам

Словенија не играше спектакуларен фудбал, но ја имаше теренската иницијатива и нè казни кога беше најпотребно. Санди Ловриќ во 55. минута погоди за 1-0, а точка на натпреварот стави Аљоша Матко во 84. минута, реализирајќи одличен контранапад по длабинската топка од Данијел Штурм. Голманот Јан Облак беше практично невработен, забележувајќи само една вистинска интервенција дури во 84. минута. Тоа е сликата за нашата „офанзива“.

Навреда за интелигенцијата на вистинските спортски љубители и алиби-изјавите

Она што најмногу боли по ваквите поразителни резултати не е само резултатот, туку одбивањето да се преземе одговорност. Наместо селекторот Гоце Седлоски сериозно да се погледне во огледало, тој на прес-конференцијата излезе со изјави кои директно си поигруваат со интелигенцијата на спортските вљубеници во Македонија.

Посебна приказна е форсирањето на Омерагиќ во стартните 11. Синот на претседателот на ФФМ на теренот буквално не покажа ништо што би го оправдало неговиот повик, а камоли стартерско место. А што изјави Седлоски? Дека Омерагиќ (заедно со уште неколкумина) ги „задоволиле барањата“! Дали воопшто има нешто за што може некој да биде задоволен после ваква црна серија? Ако ова е задоволително, тогаш критериумите ни се паднати под нулата.

Извор: https://www.whoscored.com

Понатаму, фамозната изјава: „Ова не се Гибралтар или Луксембург“. Овде имаме неколку огромни проблеми. Прво, кога Седлоски ја презеде функцијата, тој многу добро знаеше дека неговите претходници нè доведоа до Лига Б во Лигата на нации. Ако мислеше дека Лига Б е преголем залак и дека противниците не се „лесни како Гибралтар или Луксембург“, едноставно не требаше да ја прифати работата. Да не заборавиме, главниот аргумент на раководството при смената на Милевски беше токму тоа дека Седлоски ќе донесе „повеќе борбеност“. Каде е таа борбеност?

Nokian Tyres – Цела зима во ваш ритам

Второ, Швајцарија (која нè надигра во Скопје) навистина играше силно и тактички. Но, оваа Словенија практично не покажа ништо посебно и на моменти изгледаше токму како тој „Гибралтар или Луксембург“ со кој селекторот сака да се оправда. Наместо нетактички алиби-изјави на секој прес, крајно време е раководството на ФФМ да се соочи со вистината и да бара излез од кризата. Во спротивно, нивните изјави сериозно се квалификуваат исклучиво за нашата сатирична рубрика #TrollStation.

Шкотска доаѓа во Скопје: Лекција по карактер која ние ја заборавивме

Следниот викенд на арената „Тодор Проески“ ни гостува Шкотска. Во нормални околности, ако видиме дека нашиот следен противник штотуку загубил со 3-0 (од Швајцарија), би биле огромни оптимисти пред нивното пристигнување. Сега – не баш.

Зошто? Затоа што Шкотска, и покрај тоа што прими три гола, играше со 10 играчи речиси цел натпревар по црвениот картон на Џек Хендри во раната фаза. И покрај тој огромен хендикеп, тие покажаа карактер, борбеност, дисциплина и не се предадоа до самиот крај. Покажаа сè она што македонската репрезентација целосно го изгуби. Доколку в сабота Шкотите излезат со истиот тој фанатичен карактер против нашата бледа и дезориентирана чета, црната серија без постигнат гол лесно може да добие и седмо продолжение.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

Nokian Tyres – Цела зима во ваш ритам
 
Nokian Tyres – Цела зима во ваш ритам
 

Тазе објавено