На прв поглед, сè изгледа како совршено филмско сценарио. Актуелниот светски шампион се наоѓа на раб на елиминација, губи со 2-0 од Египет до 78. минута, а потоа на сцена стапува Лионел Меси и со магично стапче ја враќа својата нација од амбисот. Триумфот од 3-2 донесе ерупција од емоции на теренот, а солзите на селекторот Лионел Скалони по последниот судиски свиреж ја обиколија планетата.
🚨🎙️ How are you, Scaloni?
— MessiXtra (@MessiXtraHQ) July 7, 2026
🗣️ Scaloni: “I can’t look at you, I’m sorry, I’m too emotional, what a group of players, my brother, that’s all… I have to go, I can’t.”
pic.twitter.com/uDnke5sqs4
Но, кога ќе стивнат емоциите, стручниот штаб на „Гаучосите“ ќе мора да се соочи со суровата реалност. Зад романтиката на неверојатниот пресврт се кријат сериозни тактички недостатоци. Оваа Аргентина, и покрај тоа што го има можеби најдобриот Меси на сите времиња, покажува пукнатини кои посериозен противник во завршницата сурово ќе ги казни.
Инспирирани од стручната анализа на реномираниот „The Athletic“, ви ги носиме најинтересните заклучоци за играта на Аргентина на мечот против Египет.
Тешки нозе и ранливост во средниот ред
Египет брутално го разоткри можеби најголемиот проблем на Аргентина на овој турнир – евидентниот недостаток на атлетизам, динамика и брзина во средниот ред при дефанзивна транзиција. Аргентинските играчи за врска изгледаа немоќно при секој противнички контранапад.
Ова кристално јасно се виде кога египетскиот крилен играч Хаисем Хасан со неверојатна леснотија го помина Ензо Фернандез, влечејќи ја топката длабоко во опасната зона за да креира шанса.

Сликата се повтори нешто подоцна кога Леандро Паредес лошо процени еден старт, дозволувајќи му на Мохамед Салах да повлече нова контра. Во тие моменти, Египет без проблем создаваше вишок од „четири на три“ во последната третина. Аргентина едноставно нема играч во средината кој може физички да одговори на брзите транзиции, што ги остава стоперите на постојан удар.


Формација без крила и изнудени решенија
Тактичката поставеност на Скалони исто така покренува многу прашања. Тој инсистира на тесна 4-4-2 формација, каде средниот ред често функционира како квадрат составен од креативци. Целта на овој систем е да се контролира поседот и да се отворат линии за додавање директно до нозете на Меси.

Проблемот настанува кога противникот, како што тоа го направи Египет, одлично ќе го маркира централниот простор. Аргентина игра без класични крилни напаѓачи. Заминувањето на Анхел Ди Марија во пензија остави огромна празнина која Тијаго Алмада не може целосно да ја пополни. Тоа значи дека целата широчина во играта мора да доаѓа од бековите, пред сè од Николас Талјафико.
Кога Египет ја затвори средината, Аргентина беше принудена да се потпре на нешто што воопшто не е во нејзината фудбалска ДНК – нафрлувањата. Фактот што „Гаучосите“ упатија дури 26 центаршутеви (18 од отворена игра), што е апсолутен рекорд на еден голем турнир во ерата на Скалони, покажува колку тимот беше очаен и безидеен. Апсурдот отиде дотаму што Меси мораше да нафрла кон Кристијан Ромеро, стопер кој играше како принуден напаѓач, за да се постигне првиот гол.

Реактивна одбрана и пенал-главоболки
Статистиката покажува уште еден загрижувачки тренд. Од сите екипи кои стигнаа до осминафиналето, Аргентина е меѓу најлошите според бројот на освоени топки во последната третина од теренот. Тие играат реактивна, а не проактивна одбрана. Високиот пресинг речиси и да не постои, пред сè затоа што тимот свесно ја штеди енергијата на Лионел Меси за офанзивните акции. Тој луксуз значи дека остатокот од тимот мора да трча двојно повеќе во дефанзива, што дополнително ги исцрпува играчите од средниот ред.
Конечно, тука е и проблемот со ударите од белата точка. Иако Меси со своите осум погодоци е прв стрелец на Мундијалот и игра во животна форма, пеналите очигледно стануваат негов сериозен психолошки товар. Ова беше негово второ промашување на турнирот и вкупно четврто од осум обиди на светските првенства. Можеби е дојдено времето Скалони да ја донесе најтешката одлука и да им ја препушти таа одговорност на играчи како Алексис Мек Алистер или Ензо Фернандез, кои се докажани специјалисти во своите клубови.
Аргентина е жива, Аргентина е во четвртфинале, а магијата на Меси сè уште функционира. Но, доколку Скалони итно не ги поправи дефанзивните дупки и не најде алтернативни решенија во нападот, сонот за одбрана на светската круна може многу брзо да се претвори во кошмар.



