На само еден месец пред почетокот на Светското првенство, Карло Анчелоти изгледа токму онака како што го познава светот – совршено смирен. По четири децении во фудбалот и водење на најголемите светски ѕвезди, 66-годишниот Италијанец сега се соочува со можеби најголемиот предизвик во кариерата: да му го донесе на Бразил првото светско злато по 2002 година.
Во ексклузивно интервју за „The Athletic“, Анчелоти отворено зборува за притисокот во „Селесао“, неговите денови во Реал Мадрид и дилемата наречена Нејмар.
„Апсолутна глупост“: Вистината за соблекувалната на Реал Мадрид
Додека Реал Мадрид минува низ турбулентна сезона по неговото заминување, Анчелоти во разговорот за „The Athletic“ реши да стави крај на митовите за тоа како се менаџираат ѕвездите на „Сантијаго Бернабеу“. На наводите дека играчите во Мадрид го прават тоа што го сакаат и дека не почитуваат тактички стратегии, Италијанецот реагираше енергично.
„Тоа е апсолутна глупост. Не е точно дека играчите во Реал Мадрид прават што сакаат. Апсолутна глупост. Кога бев таму, имав идеја и се обидував да дискутирам за неа со играчите за да видам дали се согласуваат или не. Не сакам да наметнувам стратегија, не сакам војници на теренот, туку играчи кои се убедени во тоа што го работат“.
Тој додава дека успехот на Мадрид, вклучувајќи ги двете титули во Лигата на шампионите за четири години под негово водство, дошол токму поради силната стратегија која играчите биле фокусирани да ја следат.
Случајот Нејмар и мундијалските главоболки
Додека ја подготвува листата од 26 фудбалери, најголемата дебата во Бразил се води околу 34-годишниот Нејмар, кој по тешката повреда на коленото се врати да игра во татковината за Сантос. Анчелоти признава дека Нејмар „бил и е“ дел од неговите размислувања, но конечната одлука ќе биде донесена по евалуација на неговата физичка подготвеност.
„Тој е голем талент. Кај него не гледаме дали знае да ја прими или подаде топката. Прашањето е дали неговата кондиција е добра“, објаснува Анчелоти за „The Athletic“, кој веќе се соочува со проблеми поради повредите на Родриго и Милитао.
Талентот не е доволен: Лекции од историјата
Анчелоти е свесен за „генетскиот“ талент на Бразилците, но предупредува дека само тоа не носи титула во модерниот фудбал. Како пример ги посочува шампионските генерации од 1994 и 2002 година:
- 1994: Бразил играше со две линии од по четворица, со силни дефанзивци и четири силни деструктивци во средниот ред како Дунга и Мауро Силва, без крила.
- 2002: Иако сите ги паметат Роналдињо, Ривалдо и Роналдо, Анчелоти потсетува дека Бразил тогаш за првпат играше со тројца централни дефанзивци.
- Модерна ера: „Комбинацијата меѓу дефанзивната организација и талентот е клучот. Последниот играч кој сам освои Светско првенство беше Диего Марадона во 1986 година. Оттогаш поминаа 40 години и фудбалот е променет.“
Подготовка до најситен детаљ: Пенали и психологија
За да ја избегне „лотаријата“, Анчелоти веќе со месеци работи на рутини за изведување пенали и има спортски психолог вклучен во стручниот штаб. Тој смета дека не смее ништо да се остави на случајноста и дека играчот мора точно да знае што треба да прави во такви емотивни моменти.
Анчелоти за „The Athletic“ заклучува дека одговорноста да се води Бразил е огромна чест, слична на онаа во Реал Мадрид. „Бразил не сака само да биде дел од Светското првенство, Бразил сака да победи. Тоа е нашата одговорност.“



