Микел Артета се најде во необична ситуација сезонава – да го оправдува поразот на својот тим пред новинарите, додека во позадина сè уште ечеа свирежите на незадоволните навивачи по неуспехот против Манчестер Јунајтед (2-3). Шпанецот не се обиде да избега од критичкиот тон на публиката, признавајќи дека тимот потфрлил кога било најважно.
„Ако навивачите свират, значи дека треба да направиме повеќе“
На прашањето како се чувствува кога слуша негативни реакции од трибините, Артета беше брутално искрен, нагласувајќи дека очекувањата кои самиот ги изгради во последните седум месеци сега се неговиот најголем судија.
„Не е важно како јас се чувствувам за свирежите. Важно е дека мораме да направиме повеќе. Можеби ова што го правиме сега едноставно не е доволно. Кога ќе дадеш сè од себе, можеш да спиеш мирно, но денес не бевме доволно ефикасни и бевме казнети за сопствените грешки“, изјави Артета.
Тој додаде дека свирежите се само одраз на желбата на навивачите за победа: „Тоа е дел од барањата и очекувањата. Секој има право да реагира како што чувствува. Моја одговорност е да бидам блиску до играчите бидејќи тие го заслужуваат тоа по сè што ни дадоа сезонава“.
Индивидуални грешки и „магични“ моменти
Артета призна дека Арсенал бил „под нивото“ во техничка смисла, особено по првите 30 минути доминација. Грешките кои претходно беа реткост, овојпат беа фатални.
„Имавме три или четири грешки кои се многу необични за нас. Против тим кој има индивидуална квалитет како Јунајтед, секоја таква грешка се казнува. По натпреварот во Милано каде бевме брилијантни, денес потфрливме технички и ментално“, додаде менаџерот на „Топџиите“.
И покрај третиот меч по ред без победа во Премиер лигата, Артета останува убеден во брза реакција: „Ова е дел од патувањето до титулата. Ги знам овие момци во соблекувалната и знам колку ја сакаме оваа цел. Ќе реагираме веднаш“.



